Економија: Структурирани реформи – не дај Боже
Малку создадено – малку заработено и многу потрошено - многу позајмено. Растот на македонскиот БДП во годините наназад се должи на растот на личната потрошувачка (годишен раст од 2% до 3%)! Со растот на личната потрошувачка во отсуство на домашни производи произведени во домашната економија ние всушност го финансираме увозот на производите! И така во голем дел се продлабочува трговскиот дефицит!
Светска банка вели дека имаме многу малку производи за извоз и многу мало производство на такви производи. Тоа води до производи со многу мала „додадена вредност“, а со тоа БДП – то нема да го покачиме.
Откако дојдоа странските инвестиции, се зголеми и увозот и извозот, а со тоа и сумата на ГДП – то. За нас тоа не значи многу, затоа што странците си увезуваат полу-сировина и со мала интервенција (шрафцигер индустрија) сѝ ги извезуваат, пак како полу-сировина.
ГДП – то е збир на потрошувачката на државата + инвестициите + домашната потрошувачка на населението и од сето тоа се вади или собира сумата од увозот минус извозот. Потрошувачката на државата (буџет) се зголеми, затоа што тоа е процент од целиот ГДП, а ГДП - то се зголеми заради странските инвестиции. Исто се зголеми приватната потрошувачка, затоа што имаме повеќе вработени на „државно“, повеќе ИТ експерти, кои работат за странство, но плати земаат овде, повеќе регистрирани земјоделци, голем број фирми – формирани со заемите на државата за вработување и самовработување и со другите мерки за вработување.
Значи, ситуацијата е „пата – пата“, минус поголемиот буџет, за кој нема оправдување.
Сега „странските инвестиции“ зависат од повлекувањето на дивидендите од страна на некои странски компании. Ако ги реинвестираат, тоа за нас значи нов инвестициски циклус од страна на приватниот сектор. Инвестициите беа таргет на програмата за државна помош од која ќе имаат корист подеднакво и домашните и странските компании, но тоа не е доволно за домашните инвеститори и за задржување на „странската“ дивиденда – дома.
Светска банка е задоволна од високо субвенционираните странски директни инвестиции, кои требаше да обезбедат и домашен развој, преку поврзување со локалните мали и средни претпријатија (како добавувачи). Тоа не се случи и „стренџерите“ ги користат домашните фирми со 1% за набавки и услуги. Нашите не кореспондираат со производниот систем на „стренџерите“: ниту се доволно учени, ниту ги знаат процедурите, ниту ги имаат стандардите и сертификацијата, ниту ги имаат менаџерите. Нашето мало стопанство за нив е „непрепознатливо“. „Запознавањето“ ќе оди тешко, иако Анѓушев се прогласи за нозбаџија. Невестата – арслан, младоженецот – алипен.
Владата е многу задоволна што буџетот се полни, а Светска банка кој ја ферма. Владата ниту размислува за поевтин капитал за финансирање на стопанството, ниту размислува да даде „квалитетни субвенции“, кои се насочени во стратешките сектори, ниту за стимулирање на домашниот бизнис за инвестирање и проширување, додека странските инвестиции бараат домашна протекција, а за возврат нудат мали плати и намалување на невработеноста, иако нашето стопанство бара огромен број работници и сега. Значи, да им платиме за да немаме корист (увези – извези, без даноци, без трошоци за инфраструктура, која ние им ја правиме, без комуналии...) Тие да носат висока технологија и едукација на домашните експерти, земјата по која газат ќе ја бакнувавме, но не е така. Ние имавме шрафцигери и без тие да се појават. Друго не носат со себе, оти ние немаме учени работници и факултетлии, кои би го примиле таквиот трансфер на технологија. Тоа и ним им го поскапува работењето, оти мораат да носат купишта експерти од своите земји за да го организираат производството. Тие чинат многу пари и за плати и за одвоен живот и за локална логистика.
Останува последното и најболното: Ниската продуктивност на трудот. Тоа значи дека се произведуваат суровини и полу – суровини, мал број производи, количински скромно, тие се нискотехнолошки, а со тоа и неконкурентни на меѓународниот пазар. Ние не градиме, не монтираме и не склопуваме евтино; трошиме многу струја, многу работни часови по единица производ, имаме висок шкарт, непостојан квалитет, голем број и количина нуспроизводи и отпад, неусвоени сертификации, кои ја снижуваат вредноста на производот на пазарот, но и неговата побарувачка и крајно, мораме да извезуваме на пазари со сиромашно население. Затоа се заработките ниски, затоа ги избегнуваме скапите стандарди и процедури, затоа увезуваме евтина стока, се храниме со сомнителни увозни производи, увезуваме од сомнителни земји. Да извезуваме квалитетни производи, ќе купуваме поскапи и поквалитетни производи.
Продуктивноста на трудот е поврзана со многу нешта.
Најпрво факултетите. Нашиот просечен факултетлија (со мали исклучоци) не е способен за работа во високо – технолошка фирма, без внатрешна едукација во фирмата, а одреден број не е способен ниту за овде, ниту за странство (повеќето од нив не работат како инжинери, туку како работници и предработници). Факултетите не развиваат вештини кај своите студенти, кои се потребни на пазарот на труд, затоа што тоа не го знаат ниту професорите, немаат наставни курикулуми, пракса од стопанството, вештини на управување со наставата, а нивните „учебници“ се теориски, сувопарни и смешни. Како и да е, не се применливи за стекнување вештини, кои ги бара стопанството.
Второ е што факултетите си акредитираат програми без било каква проценка за потребите на пазарот. Како да акредитираат факултети заради себе, а не заради студентите.
Квалитетот на професорите не задоволува ниту најелементарни стандарди. Како тие станале професори, тоа е за приказна. Главно, резултатот неповолен.
Што е тоа „што така ги наредило“ фигурите? Се разбира самиот систем, кој е поставен со асистенција на политичките партии и криминалните кругови. Тој е толку корумпиран, што веќе никој не се буни што професорите сѝ ги чуваат местата за синовите и ќерките. Нема промашување. Од самата акредитација на универзитетите „работата е фатена“. „Фатена“ значи: под контрола на партиите. Ако нешто не штима, тука се тајните служби. Со секоја нова „реформа“, оваа ситуација дополнително се зацврснува. Сега и самите универзитетски органи сѝ носат уредби за концентрација на моќта во рацете на ректорот. Тој сѝ ги бира најслабите професори, кои „ги вози“ уште од студентските денови да ги стави во сенатот, во другите тела, во комисиите... Уцената на „добрите ученици“ е загарантирана. Од доцент до професор има многу лижење задници. Од професор, до професор со звање има коленичење, како витез пред цар. Така, системот не пушта „случајни“, а парињата за проекти, за „научно – истражувачка работа“, од комисиите, штанцањето дипломи, магистратури и докторати – како во печатарска куќа.... течат несметано. Сѐ тече, ништо не се менува, да ви се заколнам во сите дипломи и докторати на политичарите.
Така, имаме фиктивни факултети, кои даваат папири, но не и знаење. Знаењето е забрането, затоа што тоа ќе го сруши системот. Тоа води до скептицизам на инвеститорите и до ниски плати за факултетлиите (за што да им платат?) Истото води до ниска технологија, затоа што нема лица со знаење, кои би ја примиле повисоката технологија. Заради што бизнисмените да купуваат високотехнолошка машина? Да им стои неотпакувана, како што со години стои медицинската опрема, која никој не ја отпакува и инсталира, затоа што нема кој со неа да работи? Тоа е вториот и најсилен удар на продуктивноста на трудот.
Да речеме дека и тоа ќе го надминеме. Што со раководењето на фирмите и известувањето на газдите? Колку имаме способни менаџери за производство (машински, електро инжинери, технолози...)? Замислете!!! Фабрика, која полни сокови за звучен бренд, кај нас, го напрега сиот свој потенцијал, го школува со години по тоа „странствата“, а тие прашокот за сокот го добиваат готов! Шишињата – исто. Тие треба само да наполнат, спакуваат и да натоварат на камиони. Другото го раководи странецот. И за тоа не сме баш најспособни. Или... Сите странски инвестиции се „шрафцигер“ индустрија, а предработниците и шефовите на делови од производните линии мораат да патуваат од Скопје до Прилеп, Битола, Кавадарци, додека за посложените работи, евалуатори, пишувачи на извештаи, организатори на производство, контрола на квалитет.... патуваат во Македонија од странски земји. Ете колку ни вредат факултетите и докториштата.
Ако само некој се усуди да проговори за повисока технологија, посебно, ако е опасна (како суперкритична екстракција, на пример), странецот би ти дал топломер да измериш температура. Значи, не се точни, лажни се и ПАКОСНО ДЕБИЛНИ сите обвинувања дека „странците“ не сакале да донесат висока технологија во Македонија. Нема со кого да работат, нема домашна поддршка на производството, стручни добавувачи, нема технолози, раководители, нема кој да напише извештај во побараниот и истандардизиран темплејт.... На технолошки и машински факултет, на пример, ако бараш да ти проектираат екстрактор со CO2, тие можат да ти нацртаат лабораториска реторта, за да ти покажат принципно како работи екстракторот. Фазла од тоа – не барај, иако имаме докторишта за суперкритична екстракција. Информација за тоа до колку атмосфери „варат“ прохром нашите фабрики – не знаат. Каде има екстрактори да се купат, кој испорачува обука... исто така. Ако прашаш на колку атмосфери почнуваат „да излегуваат“ активните супстанци, тие одма ќе те набркаат од канцеларија, оти не знаат што се тоа активни супстанци. Сето тоа во земја, која ги има најдобрите услови за суперкритична екстракција на растителни бои, ароми, масла, активни супстанци, милион хемикалии, белковини... во земја која сето тоа го купува во странство (бои, ароми, маслени концентрати...) затоа што има прехрамбена индустрија, неброено многу видови ароматични растенија, печурки, тутун, афион.... во земја, која мора да го замени тутунопроизводството се нешто друго (на пример, со плантажирање ароматични, лековити, зачински... растенија).
Толку од високата технологија и повисоката продуктивност на трудот, односно, еве... нека ни ги донесат најдобрите фабрики во светот, нека ги монтираат и наштелуваат машините, единствено што ние, со нашиот македонски ум можеме да направиме е да ги покриеме машините и да ги заклучиме фабриките, да не биде некој повреден. Се случило!!! Донесени се цели линии за производство на сите видови стакло, но, за секоја поправка доаѓаа Германци, Швеѓани, Французи... додека на „газдата“ не му се смачи и не ги затвори погоните. Само оние компании, кои произлегоа од памет, кои вложија во едукацијата на персоналот... извезуваат и заработуваат (слушам) одлично.
Работната етика, како еден од многу значајните фактори во целиот систем на производство и повисока продуктивност и квалитет, е уште една мошне слаба карика, во скапаниот синџир. Кај нас имаме обвинувања за ниските плати, а странците се прашуваат „за што да платам“? За нивното работно време? Ами не купувам време, туку услуга – времето не е услуга, туку она што сработиле. Работната етика е нешто што веќе морало да постои во земјата во која инвестираме. Има земји, каде е платата многу пониска отколку во Македонија, но таму не тврдат дека работниците и локалните раководители ќе имаат препознатлива работна етика. Затоа сме овде, оти рековте дека „ова не е тунгузија“.
Навистина, странците ги излажавме за да дојдат. Им рековме дека имаме невработени, а веќе немаме. Им рековме дека тие имаат работна етика и достаточна стимулација да работат – но немаат. Им рековме дека се школувани – а не се, ниту средношколците, ниту факултетлиите. Тие не се глупави и размислуваат. Значи... ќе морам да ги школувам за нивната работа, ќе мора да им го школувам и шефот и инжинерот и технологот и .... Чекај малку... нели рековте дека имате и работна сила и раководен и стручен кадар... каде се тие? Ако морам да им платам по 3.000 евра плата на малубројните учени – ОК, но дајте ги ваму. Ако морам сам да ги барам, по принципот има 1 на 1000, што сум направил? Сум потрошил повеќе отколку во Германија, каде агенција ми носи работници, експерти, раководители, каде имам адекватна струја и гаранција дека нема да снема струја, каде имам прекрасна патна мрежа, ефикасно осигурување и осигурување на инвестициите, котирање на фирмата на берза, евтини банкарски кредити и гаранции, ефикасни судови, кои ќе ме заштитат ако некој не си ја завршил работата – а зел пари, здравствена заштита, безбедност, полициска заштита, развиен пазар на недвижности, пазар на квалитетни обуки од сите видови, каде има стандард... Така, ќе донесам во Македонија само она што морам, а за останатото ќе постапам како што правите вие – самите. Познато?
Од овие, а и многу други причини, глупаво е да говориме за високи технологии и за продуктивност на трудот. „Трудот“ е само финале на стотици претходно завршени работи. Ние ги прескокнавме или ги срушивме сите нив, а сакаме повисока продуктивност на трудот. Кај даваат така и јас да земам малку од тоа?
АГТИС Прилеп