Откривање нови културни простори
Долго време со културата работат луѓе од култура, а со туризмот луѓе од туризмот. И едните и другите тврдат дека се професионалци. Сепак, некоја раскошна презентација на културата не гледаме. Таа презентација е многу скудна, дидактичка, и неретко стереотипна. Палетата и начините на презентација - мизерни. Потсетувам, и едните и другите тврдат дека се професионалци. Тогаш, ајде да видиме што ќе направат „непрофесионалците“.
АГТИС и патролите од извидничкиот одред „ФЕНИКС“ од Прилеп работат на заеднички проект насловен како „Координати на културата”, поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија, чија цел е да се промовираат значајни културни знаменитости и места во Пелагониски плански регион преку видео приказни.
Самата средба на културата и извидниците е плодоносна. Овој проект сака да отвори културен простор и тоа НОВ. Односно, нов начин на гледање на спомениците на културата, еколошки потполно безбеден затоа што извидниците имаат развиена еко свест, начин кој е user friendly. Зборуваме за начин кој нема да биде оптеретен со лошите односи во туристичкиот бизнис и културта и многуте умислени „сопственици“ на природата и културата. Најпросто кажано, да се искористи културата и природата на извиднички начин.
Цел на проектот е развивање нов културен простор за извидничките организации, базиран на културни, културно – амбиентални и еколошко – естетски премиси, кој мисијата и активностите на овие организации ќе ги ориентира кон интеркултурна и меѓународна размена, ќе ја зголеми нивната мобилност и капацитет за финансирање на сопствените активности и работа и ќе ги насочи кон утилитализирање на културното и природното наследство, во разни форми на еколошки и културен туризам, како и нивни комбинации. Со тоа, македонските извиднички организации би ја зголемиле општествената одговорност на овие значајни групи млади, истовремено правилно ориентирајќи ги кон осовременување на нивната мисија, разбирањето на извидничката мисија, со што младешката енергија би се насочила кон развој на културна продукција и помош на културниот туризам и индустриите на културата, како база за нивна самоодржливост.
За да се оствари таквата идеја, димензионирани се серија активности почнувајќи од обука за извидничките тимови кое ќе води кон извидничко такмичење, заради припрема на извидничките тимови, во „Теренски квиз на културата“, во кое, со класични извиднички методи на движење во природа и откривање на „коти на културата“, тимовите ќе го откриваат новиот културен простор (физички), а потоа, преку осмислување содржини за „духовно освојување на новиот простор“, тимовите ќе го „наполнат“ просторот со адекватни содржини. Сето ова ќе води кон централната активност и реализација на сложеното мултимедијално такмичење „Експедиција Нов Простор“. Ова значи теренско откривање на местата на културата со класични извиднички методи на движење во простор, откривање податоци за местото, кои се „скриени“ на тие „коти на културата“. Воедно, младите извидници низ серија обуки совладуваат новинарски техники со кои ги градат своите капацитети и можат да дадат свој придонес кон културниот туризам преку видео записи. Сите активности и перформанси ќе бидат вклопени во видео записи за „духовно освојување на новиот простор“ во чија изработка активно ќе бидат вклучени извидниците од планирање до спроведување, глума, снимање, едитирање, монтажа, финализација.
Досега се реализирани серија активности кои ќе водат до крајната централна активност „Експедиција Нов Простор“. Извидничкиот одред „Феникс“ брои околу 100тина членови и е еден од најголемите одреди во Македонија. Патролите од извидничкиот одред беа на терен и „открија“ 4 нови културни простори: Мариово, Дервен, Амфитеатар - Варош и Маркови Кули, Крушево. Сите активности и перформанси ќе бидат вклопени во видео записи за „духовно освојување на новиот простор“.
Патрола Орли
Откривање на нов културен простор - МАРИОВО
Куќа Платнар
Највисоката висинска точка премин Слива
Патроли: Гепарди и Пирати
Откривање на нов културен простор - ДЕРВЕН
Планинарски дом Дервен
Пред чешмата на прилепско езеро
Патрола Мајмунчиња
Откривање нов културен простор - Амфитеатар Варош и Маркови Кули
Амфитеатар-Варош
Маркови Кули
Патроли: Хиени и Змејови
Откривање нов културен простор - Крушево
На Крушевско полетиште
Крушево
Петтата крајна дестинација ќе го отвори последниот културен простор каде што сите патроли заеднички ќе изведат перформаси, класични извиднички активности и ќе го видат трудот од нивната досегашна несебична и посветена работа во видео запис - Извиднички филм за откривање на новите културни простори. Оваа активност се очекува да се реализира кон крајот на септември.
Известува: Мартина Билјаровска
Фотографија: АГТИС архива