Во храмот на јазикот – Како да научиш да ја сакаш културата?

septembar 25 2018

Блаже Конески (19 декември 1921- 07 декември 1993) е истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик – прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.

3. 12 август 1930 Блаже Конески како дете

12 август 1930 - Блаже Конески како дете

Роден е во село Небрегово, Прилепско, каде живее до својата осма година, а потоа, целото семејство се сели во Прилеп и таму Конески учи основно училиште и нижа гимназија. Виши класови гимназија учи во Крагуевац, а студиите по славистика ги започнува во Белград и ги завршиува во Софија 1944 година. По ослободувањето доаѓа во Скопје и развива богата културна и научна дејност.

4. Куќата на Конески во с. Небрегово Прилепско

Слика Куќата на Конески во с. Небрегово, Прилепско

5. Внатрешност на куќата на Конески во с. Небрегово Прилепско

6. Внатрешност на куќата на Конески во с. Небрегово Прилепско

8. Внатрешност на куќата на Конески во с. Небрегово Прилепско

7. Внатрешност на куќата на Конески во с. Небрегово Прилепско

Внатрешност на куќата на Конески во с. Небрегово, Прилепско

Како научник – славист, тој ги прави најголемите чекори за македонскиот литературен јазик. Учествува во составувањето на Првиот македонски правопис, ја напишал Граматиката на македонскиот јазик, Историјата на македонскиот јазик, тој е еден од составувачите и главен редактор на Речникот на македонскиот јазик (во три тома).

Пред се, Конески беше генијален поет, но и генијален научник. Покрај соодветните знаења, за вистинскиот креативен научник многу се важни интуицијата и харизмата. Конески ги имаше и неговата кодификација на македонскиот јазик го потврдува тоа. Македонскиот јазик кодификуван од него,се поокажа како способен за живот и еволуира. Го прави сето она што се очекува од еден зацврстен, стандарден јазик.

Во 1945 г. се појавува неговото прво поетско дело „Мостот“, со мотив од изградбата на земјата; 1948 г. збирката „Земјата и љубовта“ – песни со патриотски и борбени чувства, карактеристични за првата фаза на повоената македонска поезија; 1953 г. збирката „Песни“, каде се свртува кон себе, кон својата интима. Следуваат збирките: „Везилка“, циклусот „Стерна“, збирката раскази „Лозје“. Ги напишал и збирките песни: „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Цркви“, „Златоврв“, „Сеизмограф“, „Небесна река“ и „Црн овен“.

Конески беше почесен директор на неколку универзитети, а во негова чест, денес Филолошкиот факултет го носи името Блаже Конески.

Поетско творештво

Во првите песни на Блаже Конески среќаваме родољубиви мотиви како реакција на штотуку завршената Револуција. Тие песни се блиски до народот, татковината е реален поим, татковината живее во него и во секој наш човек, тој ја гледа, ја разбира и ја прифаќа, ја оживува нејзината историја, традиција, бит и ги поттикнува родољубивите чувства. Типична, во оваа смисла е антологиската песна „Тешкото“.

Тешкото

(„Земјата и љубовта“)

О тешкото! Зурли штом диво ќе писнат,

штом тапан ќе грмне со подземен екот —

во градиве зошто жал лута ме стиска,

во очиве зошто ми навира река

и зошто ми иде да плачам ко дете,

да превијам раце, да прекријам лик —

та гризам јас усни, стегам срце клето,

да не пушти вик.

 

О тешкото! Старци излегуваат еве,

на чело им мисла, во очи им влага

и првиот чекор по меката трева

е мирен и бавен, со здржана тага.

но, ’рзнува тапан и писок се крева

и молнија светнува во секој глед,

и напред се пушта, се стрелка, се слева

стегнатиот ред.

 

До старците момци се фаќаат скокум;

не издржа срце — сив сокол во клетка,

не издржа пламен жив потулен в око,

не издржа младост што сака да летне!

Се залула оро! Се заврте земја,

и чиниш — се корне стресениот век,

и околу трпнат ридиштата темни

и враќаат ек.

 

И божем се врасло кипнатово оро

со исконска сила за земјава наша

и во него шуми на реките зборот,

и во него рика див ветар и страшен

и во него шепнат узреани житја

и вечерен мирис се разлева тих,

и земјата дише во пролетна ситост

со запален здив.

 

И душата, чиниш, на родот мој мачен

во тешково оро се уткала сета —

век по век што трупал се попуст и мрачен

од крвава болка, од робија клета,

век по век што нижел од корава мисла

за радосна челад, за слободен свет,

од песна — за љубов што гине со пискот

ко жерав во лет.

 

О, тешкото! Кога во молк те гледам,

на очиве магла ми напаѓа сура,

и одеднаш — в бескрај се растега редот

и ридја се губат в пустелија штура —

и еве кај иде од маглата матна

сè сенка до сенка, сè еден до друг —

во бескрајно оро син оди по татка,

по деда си — внук.

 

Времињата мрачни се нивното поле,

и нивната свирка — на прангите ѕвекот,

а главите им се наведени доле,

и покроце врват — сè чекор по чекор.

О, времиња, што ве в мрак родот мој минал,

кој збор ќе ми најде за вашата стрв?!

Кој збор ќе ми најде за ужасот зинат

над пустош и крв?!

 

Кој број ќе ми каже на лутите рани,

на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,

кој на срце болки ќе изреди збрани,

и на очи солзи, и клетви на усти.

О тешкото! Синџир ти беше на робја,

од калеши моми и невести ред,

со врзани раце со плен што ги погнал

насилникот клет.

 

О, тешкото! Синџир ти беше на робја,

дур не стана народ во листена гора,

сè дури со јадот од векови собран

не поведе бујно, бунтовничко оро!

Се залула танец низ крвје и огон,

и повик се зачу и грмеж во чад —

те разнесе сегде бунтовната нога

по родниот кат.

 

О тешкото! Сега по нашите села

во слобода првпат штом оро ќе сретам,

зар чудно е — солза да потече врела,

зар чудно е — жалба јас в срце да сетам?!

Од вековно роропство, мој народе, идеш

но носиш ти в срце дар златен и пој.

Пченицата твоја триж плодна ќе биде,

и животот твој!

Во неговиот творечки опус можеме да на најдеме голем број на есеи, препеви и песни. Во продолжение, една од неговите најубави песни, „Везилка“.

„Везилка“

Везилке, кажи како да се роди
проста и строга македонска песна
од ова срце што со себе води
разговор ноќен во тревога бесна?

– Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.

Па со нив вези еднолична низа,
песна од копнеж и песна од мака,
ко јас што везам на ленена риза
ракав за бела невестинска рака.

Судбинско нешто се плело за века
од двете ниски, два созвучни збора,
едната буди темница што штрека,
другата буди вкрвавена зора.

2.

Везилке, крени наведена лика,
погледај в небо во претпладне златно:
се зари таму и чудесна блика
твојата везба на синото платно.

За тебе нема ни вечерен запад,
ти – морно око на трепетна срна.
две бои таму ти горат и капат,
две шарки твои – црвена и црна.

Зар не се плашиш јаркоста нивна,
и најмил спомен дека ќе ти згасат?
Зошто се губиш, ти строга, ти дивна,
дните ти минат, прокоби се гласат.

– И најмил спомен што в душа ми блесна
се гаси од нив ко цвеке без боја.
Но ти што ловиш звук на чудна песна,
ти си ја кажа судбината своја.

Во рамките на повеќегодишниот проект "Музеите во училиштата или училиштата во музеите", културно-историските споменици и локалитети беа преокупација на учениците во Прилеп. Веќе неколку години во соработка со НУ Завод и Музеј учениците учат за културата, обичаите и традицијата.

Делото на Конески е наша севременска придобивка. Природно е што ќе се навраќаме како нација кон него во различни поводи. Погледнете го видеото на учениците во родната куќа на Конески во Небрегово, како што кажуваат самите, во храмот на јазикот.

ВИДЕО

 

Конески никогаш не тврдел дека тоа што тој го поставил како темел е икона, или евангелие за сите времиња. Тој беше приврзаник на сфаќањето дека јазикот е жива материја, оти се менува.

Нашите предци умееја со своите јазични елементи да градат нови зборови за новите предмети и нивните именувања, а сега ние станавме многу мрзеливи со духот.

Дали на Македонија се повеќе и недостасуваат лингвисти од рангот на Конески? Дали македонскиот јазик заостанува во својот развој?

 

 

Новинар: Мартина Билјаровска

Фотографија: Паре Зареска

Камера: Дарко Катушев

Монтажа: Раде Дамјановски

TEMPLEJT na makedonskomRES

Prijatelji sajta

Safe Journalism HND Solidarna Actat Kvart komesarijat-za-izbeglice XXZ Pescanik logoo mirc NGTim