77 годишнина од Денот на народното востание „11. Октомври“
Ден на востанието на Македонија или Ден на народното востание на македонскиот народ познат и само како 11 Октомври — државен празник кој се празнува на 11 октомври во Македонија. Востанието е против фашизмот и со тоа започнува борбата за ослободување на македонскиот народ. Тоа е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.
По фашистичката агресија и окупацијата на Југославија во 1941 година, Македонија повторно е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот окупатор.
И пред 11 октомври 1941 година доаѓа до вооружен отпор против окупаторот. Така, на 8 септември Лазо Колевски убива бугарски стражар кај Богомилскиот тунел, истиот ден во Скопје Боро Петрушевски убива бугарски војник, на 7 октомври во Скопје е извршен обид за убиство на агентот Мане Мачков, во кој загинува Благоја Деспотовски - Шовељ, а на 8 октомври Трајко Бошкоски - Тарцан, пробивајќи се низ непријателскиот обрач во Прилеп, убива еден непријателски полицаец.
Сепак, за почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани, распределени во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората - затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација. Во првата група учествуваат: Аспарух Јосифоски (командир), Душко Наумоски, Блаже Спиркоски, Милан Димоски и Драган Спиркоски. Во втората група биле: Никола Попоски (командир), Мице Козар, Пецо Крстески, Јонче Јанески, Благоја Корубин и Душко Ристески. Во третата група биле: Мице Димески (командир), Крсте Црвенковски, Коле Чашуле, Киро Ќососки и Киро Базеркоски. Помеѓу партизаните немало загинати, а бил убиен еден стражар од участокот во Прилеп од Душко Наумоски. Татко му на Наумоски бил пријател на стражарот Петар Колев, кој бил местен човек од Смилево, мобилизиран. Душко го искористил ова па се приближил и го убил.
Дејствија има и во Кумановско. На 12 октомври 1941 година, во областа Студена вода е формиран Кумановскиот (Козјачки) партизански одред, а во областа Менкова колиба Карадачкиот партизански одред. При првите судири со бугарската војска овие партизански одреди биле разбиени. Карадачкиот одред е разбиен на 14 октомври, а Козјачкиот одред - на 17 октомври.Скопскиот партизански одред, формиран веќе во август, не зема учество во овие настани, бидејќи борците не биле известени. Иако активноста на овие први партизански одреди е скромна, таа претставува иницијална каписла за продолжување на борбата.
Прилеп и Куманово годинава заедно ќе ја чествуваат 77 годишнината од почетокот на антифашистичката борба. Двата града имаат богати културно –уметнички програми. Во Прилеп вечерта спроти 11 Октомври, традиционалната прослава со импровизиран напад на градот и импресивен огномет ќе почне во 18 часот, во центарот на градот пред Участакот. А, во Куманово точно на празникот ќе се одржат бројни културни и спортски активности. Делегација на Општина Куманово, предводена од градоначалникот Максим Димитриевски, ќе присуствуваат на чествувањето во Прилеп, а следниот ден делегација на Општина Прилеп предводена од градоначалникот Илија Јованоски ќе чествуваат во Куманово.
Директор на Завод и Музеј-Прилеп, Благоја Атанасоски и градоначалник Илија Јованоски
„Ќе чествуваме заедно Прилеп и Куманово, двата града каде што почнал вооружениот антифашистички отпор. Прилеп има богата Програма што ќе трае една недела. Почна со турнир во џудо, а ќе заврши со Државен шампионат во авто слалом ‘Прилеп- 11 Октомври“,најави Јованоски.
Во холот на зградата на Општина Прилеп, на свечен начин денеска беше откриена репликата во мермерна плоча на орденот „Народен Херој“, што на 7. Мај 1975 година Претседателот на тогашната СФРЈ, Маршалот Јосип Броз Тито му го додели на Прилеп, а кој што подоцна беше украден.
Реплика во мермерна плоча на орденот „Народен Херој“
Јованоски рече дека чувствува огромно задоволство што 25 години после изчезнувањето на орденот „Народен Херој“, ја има честа репликата на орденот да му ја предаде на директорот на НУ Завод и Музеј – Прилеп, Благоја Атанасоски, со цел од денес да ги краси просториите на Меморијалниот музеј „11.Октомври“.
Директор на Завод и Музеј-Прилеп, Благоја Атанасоски и градоначалник Илија Јованоски пред репликата на орденот „Народен Херој“
„Тој атрибут што Прилеп со право го доби, како град на пркосот и град на непокорот, остана и понатаму. Сите треба да бидеме задоволни и горди од тоа што Прилеп го направи за време на антифашистичката револуција, но и затоа што и после ослободувањето Прилеп даде многу свои дејци во општественополитичкиот, културниот, економскиот и спортскиот живот. Прилеп и понатаму ќе биде присутен на сите полиња, затоа што го знаеме патот и сето она што треба да го направиме за остварување на целта, а тоа е влез на нашата држава во ЕУ и НАТО. Нека ни е вечен 11.Октомври и нека ни е вечен орденот „Народен Херој“, изјави во во своето обраќање градоначалникот Јованоски.
Атанаскоски, истакна дека најголемата заслуга што репликата на орденот ќе се најде во просториите на Меморијалниот музеј „11.Октомври“, ја има градоначалникот Јованоски.
„На негова иницијатива ние покренавме активности да направиме две копии од орденот. Едниот примерок ќе биде во просториите на локалната самоуправа, другиот во Участокот. Неговото место ќе биде покрај бистата на Јосип Броз Тито, која ние повторно ја вративме во концепциската поставка и која го доби местото кое го заслужува“, нагласи Атанасоски.
Во рамките на повеќегодишниот проект "Музеите во училиштата или училиштата во музеите", културно-историските споменици и локалитети беа преокупација на учениците во Прилеп. Веќе неколку години во соработка со НУ Завод и Музеј учениците учат за културата, обичаите и традицијата преку видео перформанси.
Погледнете го видеото на учениците за 11 Октомври снимено во меморијалниот музеј 11 Октомври во Прилеп и честитката на градоначалникот Илија Јованоски по повод празникот „11 Октомври".
ВИДЕО „Хајде да лудујемо“
ВИДЕО Честитка на градоначалник
Известува: Мартина Билјаровска
Фотографија: Општина Прилеп
Камера: Дарко Катушев
Монтажа: Раде Дамјановски, Божидар Цветкоски