Галерија на икони при НУ „Завод и Музеј“ Прилеп
Една од најдобрите галерии на територијата на Република Македонија со своите експонати е галеријата на икони во Прилеп која е основана во 2002 година. Комплетната збирка се состои од 66 икони. Дел од експонатите се пронајдени на терен, а дел се од зографот Јован Атанасов – прилепчанецот, последниот прилепски зограф и иконописец.
Поставката во Галеријата на икони при НУ „Завод и Музеј“ Прилеп, почнува со икони кои датираат уште од 12 век, со фреската на „Арахангел Гаврил“ и завршува со 19 век, со претставата на „Ерусалимското платно“. Ова платно всушност претставува една цела Библија. Колку е поголемо ерусалимското платно, толку на него има претставено повеќе сцени. Наречено е „Eрусалимско“, бидејќи во централниот дел е претставен Ерусалим
.
„Фреската на „Арахангел Гаврил“ заедно со дел од резбата на најстарата црква во Прилеп
Св. Благовештение од 19 век беше во Лондон, Париз и Њујорк на изложби. Таа постигна доста добри резултати, бидејќи фреската има посебна уметничка вредност, бидејќи и по старост и по презентацијата на самиот лик и употребата на боите на фреската, архангелот е многу подобро насликан отколку курбиновските архангели“, раскажува кустосот во Галеријата на икони, историчарка на уметност - Мимоза Христоска.
Заводот и Mузеј на Прилеп не се занимава исклучиво со претставување на галеријата на икони, туку има и археолошка поставка и многу други поставки кои што се посетени од различни туристи. Заводот се занимава и со истражувачка дејност и заштита на сите икони на територијата на град Прилеп, заедно со соседните општини.
Новинар: Мартина Билјаровска
Фото и Камера: Божидар Цветкоски