Мафија или тајни служби – прашање е сега

april 19 2019

Големина на криминалниот колач е причината за толку остра и длабока политичка борба + тајните служби.

Криминалниот колач не се само тендерите, „штимуваниот“ увоз на телешко месо под фирма на пилешки желудници, продажбата (читај: подарувањето) државно земјоделско и градежно земјиште, субвенциите... Никако!

 Истражувањата од проектот „Детски болести на демократијата“ укажуваат на тоа дека 13% од целокупниот буџет се непродуктивни трошоци (пресметка на Светска Банка). Замислете: 400 милиони за капитални инвестиции + 480 милиони непродуктивни, но програмирани трошоци. Тоа е голема сума и за Германија, а не за нас. Како и да е, да сме и најголеми оптимисти, барем 400.000.000 евра годишно си одат во „непознат правец“.

Тука приказната не застанува. Лесно е да се каже 880 милиони евра, ела испери ги, за да се вратат чисти до политичарите. Не е само домашниот мониторинг, туку и меѓународните стандарди. Колку и да е заробена државата, Државниот завод за ревизија сѝ ја работи работата и носи јасни индиции за криминал на сите страни (скоро и да немало годишен извештај за некоја „државна“ фирма, каде не се констатирани мошне сериозни престапи). Но, резултат нема. Ниту обвинителството, ниту правобранителството, ниту финансиска полиција, ниту УЈП... поднеле пријава. До пред 3 години „антикорупциска“ – лично, го бранеше криминалот, „по службена должност“. Тоа е приказната. Толку големи пари „се перат“ само со државна завера и крадењето мора да биде „покриено“ со цела палета институции за блокирање на интерес и истраги за корупција и криминал, одбрани (ама баш „одбрани“) функционери, „одбрани“ осмислувачи на грабежот (како оние од „Скопје 2014та“, тендерџии, перачи, банки, новинари и медиски куќи, градежни фирми, хотелиери.... плус самите „перачи“ („изведувачи“, тендерџии“, „посредници“, „книговодителски куќи“, „гаранти од УЈП“ дека нема да има инспекција „токму сега“...)

Затоа, за да се случи таков грабеж и тоа секоја година, властите трошат најголем дел од своето работно време на реализацијата на грабежот, па мораат да поставуваат најниски морончишта, кои многу не прашуваат, персонално да „штимуваат“ комисии, регулаторни тела, агенции, обвинители, правобранители, парламентарни комисии, легислатори, главни и одговорни уредници... Ова е целодневна работа, ова е „ергела“ овозможувачи, во најпопуларната светска игра: „Укради го буџетот“.

Попатно, за да купат мир и партиска диоптрија, тие мораат да корумпираат добар дел од општеството, преку вработување партиски кадри, субвенции и други „давања“. Оваа игра на редистрибуција на собраните пари нема крај, а методологијата им е непогрешлива за вака примитивно општество, поделено на „вашите“ и „нашите“, било да говориме партиски, етнички, урбано – рурално, Скопје – останатите, образовани – необразовани... 300 евра месечно, за молк и правење на будала – за обична раја, 2000 евра за уредник на добар медиум, 500 евра за познат новинар, 3000 + „сработи сам“ - евра за пратеник, до 10.000 евра месечно за функционер во вториот ешалон, до 5.000 евра за лидер на мислење... Ова „народот“ го знае, па и тој бара мито за „правење на Тошо“. Затоа, тука е социјалната помош, еднократната помош, субвенциите, парињата за самовработување, проектите за заштитните фирми, овластувањата („држењето на волот“) за фирмите - од кошот парафискални давачки – против стопанството, разно – разните дозволи за ова и она (од градба, до минерални суровини), „простување од инспекциите“, вработување во јавната администрација, малечките бизниси со институциите, на радост на „малите“ директори и уште мал милион трикови на властите, со кои „ќе ти учини“, а ти (сиот благодарен) ќе му вратиш.

Aleksandar 99

Александар Цветкоски

Криминалот и корупцијата се форма на опстанок! Преку нив се прават и кариери и пари, а за исполнувањето на „алфа“ поривите, не мора ниту да се говори, жими љубовниците на раководителите. Сепак, целиот систем тргнува од тајните служби и од полицијата. Тие „го обезбедуваат“ системот, под будно око на вождот или „демократскиот и мил премиер“. Тоа мора така, затоа што е системот извонредно ранлив, во својата аматеристичка основа, која се крепи на чисто соучесништво и автоцензура. Доволно е една јавна (но, да не биде наивна и да не биде „сама“) личност да објави скокотливи, но вистинити податоци и „колата ќе тргне“. Доволно е да се алоцираат мали пари на некое место, па да собереш милијарда податоци, кои инкриминираат. Резултатите од „невините“ активности на тајните служби и полицијата се повеќе од јасни: Не може да се формира мафија, стопанството не може да се самоорганизира и регулира, не може да функционира ефикасната заштита на човековите права, не може да се воспостави ефикасен начин на заштита на приватната и корпоративна сопственост. Само едно од овие да се смени, кулата на власта ќе се сруши.

Ете, на тоа се сведоа сите наши реформски прашања, освен ако и „шминката“ не ја сметаме за реформа:

  1. Како да се оневозможи тајната служба да прислушкува без судски налог и како тие податоци да не се користат за уцена на стопанственици и јавни личности?
  2. Како на тајните служби да им се земат полициските овластувања (да им се пресечат ноктите), за да не можат да ги фаќаат граѓаните на страв?
  3. Како сите тие „специјалци“, „разузнавачи“, стражари во затвори, цариници, инспектори... да одговараат, ако направат цуцуле или ако ги пречекорат овластувањата, но не од „внатрешна комисија“, туку пред суд?
  4. Како да направиме систем премиерот да не ги „приватизира“ тајните служба и некој надвор од кругот на властите да имаат контрола врз нив?
  5. Како да ги натераме (оневозможиме) обвинителите и судиите да не ги продаваат своите услуги на властите и да не одработуваат за своето напредување во службата?
  6. Како корупцијата да ја направиме помалку исплатлива (никаде не е корупцијата искоренета)?

Ако реформите успеат, ќе се појави една класа „претприемачи“, кои на западот ги нарекуваат „мафија“, кои ќе соработуваат со властите, но уште повеќе со стопанствениците, а властите нема да се чувствуваат семоќни – заштитени со своите „тајни слуги“... простете „служби“.

Поинаку речено: Најпотребното што на Македонија ќе ѝ овозможи развој е конкуренцијата, што ќе ги скрати канџите на властите и ќе ја воведе „пазарната регулација на силата“. Така, ако ти е прескапо или невозможно да се договориш, ќе се јавиш на „друго место“, кое има доволно аргументи, кои премиерот не може да ги одбие. Или, ако врхушката на партијата ја претерала со својата алчност, па има опасност од загрозување на стабилноста, или со тоа создава услови за движења базирани на социјална идеологија (мафија и оружено движење, базирано на пари и социјалистичка или марксистичка идеологија) или појава на непредвидливи социјални сили, ќе има кој да ги „опомене“... Која ќе биде таа „сила“ зависи од тоа која општествена структура прва ќе почне внатрешно да се саморегулира и да се наметне во вакуумот – оставен од тајните служби. Понекаде ги нарекувале синдикати, понекаде стопански комори, некаде комори на работодавачи...

Тажно е што, заради неорганизираноста и примитивната регулација на меѓусебните односи во стопанството, овие „нови“ структури, повторно ќе ги организира тајната служба, односно владетелите. Така стојат работите, затоа што теоријата вели дека „конкуренцијата е двигател на светот“, а кај нас „кубурот“ е ритуална алатка, посебно ако ја држат личности избрани од тајните служби.

Принципот на конкуренција ќе победи, во тоа нема сомнеж, но ќе протече и многу вода и многу солзи.

 

Александар Цветкоски

 

DISKLAMER OTV MAK 800

baner

Saint Art Designs / Web Development

Saint Art Designs / Web Development

Prijatelji sajta

Safe Journalism HND Solidarna Actat Kvart komesarijat-za-izbeglice XXZ Pescanik logoo mirc NGTim