Економија: Лечи го здравото, болното е добро

maj 10 2019

             Ако е до „макроекономската стабилност“ – ништо не мораме да лечиме. Ама таква комоција, со вакви показатели, не е препорачлива. Фискалниот дефицит (монетарен фонд) е 2,7 % од БДП, како и во последниве три години, а и јавниот долг остана непроменет во тие три години (2016-2018), односно остана на ниво од 48,7 % од БДП. Нивото на вработеноста (на крајот од 2018) е 45,9 % и тоа е зголемување од 1,6 % (во споредба со 2017). Сега мерат 19,4 % невработени (податок за крајот од 2018 година).

Дури и за овој прескромен раст, ние имаме целосна деградација на животната средина и мошне потценета и евтина работна сила, а не е само тоа.

Не е дека не знаеме каде се најопасните болки: Светска банка нѝ ги кажа со име и со презиме, ама за нивното лекување ниту имаме поим, ниту сакаме тука да лечиме, оти ќе чепнеме каде што не треба. Нам ни е полесно да се зафатиме со звучни работи од „заробената држава“. Ем пимплаш во место, ем сѝ реформатор, ем ја ослободуваш државата. Се разбира, судството, обвинителството, затворите, тајните служби и администрацијата се за најтешкото лекување, но во Македонија нема да најдеме нешто, што нема да бара тешка хирургија.

Значи, не е дека „не е за лечење“. Што прво да се лечи?

Ами, Владата не го сочинува едно министерство. Зошто секој не си ја тера работата во своето министерство?

Што ни кажаа од Светска банка? Погрешно образование (без вештини и насока кон домашни потреби); лош менаџмент, заради кој работните места во стопанството постојано „висат“, мал е мотивот за работа, револтот голем; продуктивноста на трудот е многу мала, а со тоа и фирмите неконкурентни, следствено, увозот – голем, извозот – мал, мали инвестиции во приватниот сектор; пензиските фондови се празни, без идеи за нивно полнење; исселувањето е огромно и пазарот го оставија без работна сила.

И? Реформите каснат, но не и поскапувањата на горивото, укинувањето на рамниот данок, повисоките сметки за ова и за она, уште поголеми заработки на банките и монополистите. Тука реформите блеснаа, а Владата сѝ го зголеми буџетот за цели 300 милиони евра. Овие пари се земаат од „здравото ткиво“, за да се лечи болното. Значи, целта е и здравото да оболи.

Владата нема ништо за банките. Тие сѝ живеат од пљачкање на граѓаните и фирмите, а Владата им го држи волот, за тие да го дерат: банкарски провизии – како гордо звучи тоа! Потрошувачки кредити – топ!!! Кредити за стопанството – „мало сутра“, а ако ти дадат – ќе проплачеш од камати и административни трошоци за одобрување. Владата никаде ја нема: таа спроведува референдум, се кара со судии, обвинители, со насилници од 27 Април и со амнестија на „вратарите“. Министерството за финансии нема врска дека во Македонија имало банки и дека тие заработуваат ¼ милијарда евра од насилие врз граѓаните (провизии и потрошувачки рекет). Исто така, банките појма немаат дека ги малтретираат граѓаните со постојано пополнување формулари (на секои 2 години), во кои те прашуваат најдебилни прашања, само заради тоа што Владата тоа од нив го бара, со Законот за банки. Главно, банките се здрави, министерот за финансии пука од здравје, а стопанството може и да умре – кого го заболе. За него нема евтино финансирање од банките, па им останува само да негуваат политички врски, за да добијат пари од некои фондови или некој да им се јави во банка и да рече: „Дајте му некој кредит – наш е“.

Секако, ова не е толку лесно за претставување, па на Владата ѝ е полесно да си воведе „нова дисциплина“ кај фирмите и да ги допоболи, да ги зголеми даноците, да дозволи 200 парафискални давачки и да осмисли алосани субвенции за вработувања, во земја во која нема невработени, оти платите се толку ниски, што скоро и не е битно дали работиш или не. Што знае Тевдовски за продуктивност на трудот и за банкарско финансирање на стопанството, а за мултиратерална компензација и да не правиме муабет. Не е будала да чепка тука и да ги офира сите борчлии. Така, кога некој должи на УЈП, тој може да биде ставен на јавен тапет во медиумите, но кога им должи на сите, Тевдовски вели: „Па, имате судови – одете тужете го.“

Тоа дека нема стопански судови, дека се тие корумпирани и неефикасни, Тевдовски не го интересира. Тој не е министер за правда. Што му е нему гајле дека залудно е да го тужиш борчлијата, оти судот ќе ти измисли триста глупости, во раскошниот лавиринт од закони, стечаи, фирми без пасива... На крајот доверителот ќе треба да му плати на борчлијата. Заробена била државата, но не и за бизнисмените. Тие нека бараат судска правда, оти банките даваат „партиски доприноси“.

(Твит слика)

Tvit slika

 

Александар Цветкоски

 

DISKLAMER OTV MAK 800

baner

Saint Art Designs / Web Development

Saint Art Designs / Web Development

Prijatelji sajta

Safe Journalism HND Solidarna Actat Kvart komesarijat-za-izbeglice XXZ Pescanik logoo mirc NGTim