Реформски бенч – мракови: Дали имаме реформи и зошто не?
Општиот заклучок на експертите е дека Македонија бележи застој во спроведувањето на потребните реформи за ЕУ. Години наназад, земјата се соочува со извештаи во кои покрај јавниот сектор, како клучна област во која се потребни реформи е и судството. Недостигот од храброст за промени, како и праксата на следење на партиски, а не на државни интереси, се главна причина за спорото спроведување на реформите. Ова е заклучокот на десетина експерти од различни области правејќи пресек на реформите во судството, јавната администрација, безбедносните служби и СЈО, на панелот „Реформски бенч – мракови: Дали имаме реформи и зошто не?“ што се одржа вчера во Скопје, во организација на АГТИС.
Панелот е дел од проектот со наслов: „Детски болести на демократијата“, финансиран од НЕД, а во имплементација на АГТИС и има за цел да ја зголеми транспарентноста и отчетноста на нашата Влада, по прашања на реформите и нивните постигнувања.
Говорејќи за јавната едукација на реформите, претседателот на АГТИС, Александар Цветкоски истакна дека суштината на проектот е во прашањето како да ги направиме реформите интересни за јавноста, да ги следат дебатните емисии и медиските написи за реформите и како, барем во општи црти јавноста да знае нешто за реформите.
„Ова е важно. Ако властите знаат дека граѓаните разбираат, барем по нешто од реформите, ќе се плашат да применуваат манипулации и реформски илузионизам. Велат, добра вест е онаа која крвари, или (барем) носи чипкани гаќи. Реформите не носат чипкани гаќи, ниту крварат, па затоа ние пробуваме да ги направиме интересни, за (барем) малку да влијаеме врз владините легислативни процеси. Преку карикатура, комично видео или анкета, работите стануваат повидливи, а кога тоа ќе го кажат најпознатите и најповиканите во оваа држава, Владата не може да кажe: Кучињата лаат, караваните поминуваат“ - заклучува Цветкоски.
Според него, реформите се спори, недоволно добро обмислени и не се храбри. Од АГТИС како организатори, не се неутрални, туку имаат и став и не им се допаѓа тоа што „нема јасни црвени линии во врска со СЈО, како да се работи за некое локално обвинителство, кое може - но не мора да биде самостојно и моќно, а не за институција која ја стави оваа држава на картата на демократијата и која ужива поголема доверба кај граѓаните од сите други постоечки институции“ - потенцира Цветкоски.
Александар Цветкоски, Сашо Орданоски, Катица Јанева
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, изјави со оптимизам дека до крајот на јуни ќе биде донесен законот за јавното обвинителство. Таа истакна дека согласно Законот за СЈО, мандатот и истекува во септември, додавајќи дека доколку сега се донесе нов закон не и истекува мандатот на 15 септември.
„Додека можам да бидам специјален јавен обвинител ќе останам до крај, не поради тоа што сакам, туку затоа што сметам дека заслужувам да бидам на чело на оваа институција“ - вели Јанева.
„Јавниот сектор е чуден сектор. Тој многу тешко се реформира. Политичката волја се изразува декларативно за одредени работи. Ние се уште немаме единствени ставови за државните интереси, туку имаме партиски ставови. Мора сериозно да се настапи и да се сфати целосно реформата. Добро е што зборуваме, што се прават вакви дебати за да се дојде до решение. Сепак, вистинската реформа се прави на почетокот на мандат на владата. Досегашните реформи се уште не ги даваат очекуваните резултати. Отпуштањето на лицата вработени со помош на роднини на функции, не е реформа, како ни вработувањето во приватен сектор на 1600 административци кои сега земаат плата, а ништо не работат“ - кажува проефсорот Борче Давитковски.
Никола Дујовски, Мирјана Најчевска, Александар Цветкоски
Деканот на факултетот за безбедност, Никола Дујовски вели дека подобро е да се задоцни со носење на некој закон, отколку да се донесе било каков и лош закон. Како што кажува, тој е задоволен од реформите во безбедносниот сектор и за него не е спорно тоа што новата разузнавачка агенција ОТА ќе биде под директна надлежност на владата и што нејзиниот претседател ќе го назначува премиерот.
Професорот Гордан Калајџиев истакна дека веројатно кога ќе влеземе во колосекот за преговори како ученици на некој начин ќе одиме по некоја check листа од ЕУ.
Според професорката Мирјана Најчевска донесувањето на било кој закон кој што секоја Влада го најавува и доживува како реформа не е крај, туку почеток на приказната за реформи.
„Донесувањето на законот не значи дека нешто сме промениле. Дури тогаш кога законот ќе биде имплементиран и практично ќе видиме промените и луѓето ќе ги почувстуваат во своето опкружување, тогаш може да кажеме дека нешто сме промениле“ - рече Најчевска.
Професорот Денис Прешова упати јавна критика на сметка на работата на судиите, како што кажува и насловот на неговото излагање: „Независно судство со зависни судии - Предизвиците и дилемите во пристапот кон судските реформи“, и упати критика до менталитетот на судиите кој што не кочи сите нас.
Професорката Ана Павловска Данева се осврна на новиот закон за прекршоци и како што кажува таа, конечно треба да биде јасно „Дали знаеме кој кого гони за прекршок?“.
Сања Димова, Борче Давитковски, Гордан Калајџиев, Ана Павловска Данева
Панелистите се оптимисти дека почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ ќе ги донесе очекуваните промени во клучните области за реформи.
Новинар: Мартина Билјаровска
Фотографија: Божидар Цветкоски