Реформи за подома и за странците
Реформите ги правиме заради странците и тоа сите го знаат. За подома, реформите не даваат ефекти, освен лоши. Овде никој не смее да критикува, посебно ако фатил столица, ниту коморите, ниту синдикатите, ниту бизнисмените, ниту институциите.... Домашна проценка, извештај, истражување....Ajде ве молам.
Нема да го губиме нашето време во тоа, како што прави Државниот завод за ревизија: ги фаќа како мајмуни и на крадење и на злоупотребување и на кршење закон, но никого не го заболе за тоа, вклучително и обвинители, полиции, правобранители.... Странците прават и истражувања и проценки и даваат насоки! Нашите политичари погледнуваат, велат така е и толку: продолжуваат по старо, како и да нема извештаи. Ќе сменат нешто малку, колку да се подобрат во извештаите или на „ранг листите на срамот“ и толку. Циркузот продолжува – кај што застанал.
Еве што прават странците, за што ние се „кинеме“ во смеење.
МФ спроведе дел од сеопфатната стратегија за управување со јавните финансии, но тоа не беше доволно „крваво“ за медиумите. Овој Тевдовски не е по театралност, ниту по чипкани гаќи, а веројатно-требаше. МФ се зафати со долго одложуваните прашања во управувањето со јавните средства, транспарентноста и ефикасноста на јавните финансии и тоа кај најлесните потези, кои ќе ги смират стручните НВОи и странците. Малку потранспарентно со информирање за буџетскиот процес - акција крстена како „граѓанскиот буџет“; малку објавување за договорите за јавни набавки, поправка на веб страницата на Бирото за јавни набавки, малку помалку пропаганда со менување методологии; фискални податоци за локалните самоуправи и целосен сет од макроекономски индикатори (вклучително и предвидувања) и транспарентност колку сакаш. Жално, но сето тоа остана во сенка на дискусиите за зголемување на персоналниот данок. Значи, џабе што си добар, кога народот сака да слуша лаги и глупости, а новинарите не трзаат на корисни муабети, туку само на „крвави“ или голишави.
Второ, многу е бре брате сложено.
Подоброто управување со јавните финансии е стара приказна за странците, тие имаат нови трендови, оти виделе дека општеството и управувањето се директно поврзани. Новите трендови за „човеков развој“, во мерките за развој ги вбројуваат и другите сектори (што ако имаш економија, ако немаш правилна распределба, или слабо здравство или слаба социјална помош). Тука влегуваат и фискалната одржливост на пензискиот систем и здравството и квалитетот на образованието и реформите во енергетскиот сектор. Без тоа имаш приказни за мали деца, а со тоа имаш збунетост и менување канал. Ти повели!
Брз преглед на стореното
Така, Царовска работеше на социјалната помош, да има подобра база податоци за примателите и барателите на социјална помош, но и на проблемите во процесот на аплицирање и инклузивност на социјалната помош, злоупотребите на системот и сл. Од нејзините реформи прскаше крв на сите страни, а најголемото постигнување е „ќе биде“. Дај Боже избори, социјалецот ќе стане 12.000 денари.
Фискалната одржливост на пензискиот систем, „ќе почака“ цела држава да ја вработиме на државно, па ќе има пари во фондот. Партиите на власт, како и оние пред нив. На тоа многу работеа.
Квалитетот на средното и високото образование не може да се подигне ниту со кран. Ние сѐ уште немаме раскрстено со стариот систем и учебници, во кои децата се тука за наставниците, а не обратно. Учебниците се трагични за да бидат смешни и тоа се cut-copy квазимода од смешни обиди на учебникарите да ископираат од писанијата на инстант докториштата на науки, кои се резултат на cut-copy операции. Математички, имаме cut-copy на квадрат + бизнис со учебници + антиквизација + чудни дефиниции по принципот: колку понеразбирливи, толку поубаво. Но, тоа не треба да нѐ загрижува затоа што и наставниците не знаат што пишува во самите учебници. Така, нема потреба од апликативност во наставата, оти никој не знае за што (по ѓаволите) се говори во нив. Слободата на „творењето“ е дојдена до таму што веќе ниту универзитетите, во своите методологии за научно – истражувачка дејност не сватиле дека индикативниот метод е заменет со серија хипотетичко – дедуктивни (проектни) методи и апликации, а користените педагошки сторенија како да ги донесол ветерот и ги залепил во учебниците. Ним ниту ГПС нема да им помогне да се ориентираат во болоњскиот систем, а изразите како педагогија, хеуристика, гносеологија ќе мораат да ги забранат, за да не се повредат – користејќи ги. Како и да е: Надеж нема. Сите ќе станеме факултетлии и магистри и ќе работиме на каса во Лидл на „клетиот Запад“, а најспособните, кои научиле „на своја рака“ и за ИТ секторот. Оние кои завршиле во некој вистински универзитет, од Бугарија до Америка, овде не се враќаат, оти сфатиле дека нема кому да го предадат знаењето.
За здравствените услуги, Светска банка има пофалби, оти се намалиле парите за здравство. Многу им е гајле дека ниту лекари немаме, апаратите ни се расипани и нема кој со нив да ракува, дека „дете продаваме“ за да се излечиме на приватно, а лековите ги земаме – кога има и ако има. Главно, Филипче, во стилот на својот претходник, им дава живот на случајните заплети, како да се организирани реформи. За разлика од другите, сите вести од здравството се мошне крвави и интересни за медиумите, но чудните тендери најмногу. Во болниците навистина тече крв, гној, заборавени гази и солзи. Главно, „мој термин“ и оваа Влада го призна како добар проект, па го присвои – како и се друго.
***
Има тука и други неразбирливи работи, кои странците ги туркаат, а ние не знаеме ниту за што говорат.Такви се развивањето на комерцијално земјоделство и туризмот, растот на професионалните услуги и услугите на јавната администрација. Додуша, тие за ова говорат како за готова работа и сите споменати требало „да бидат поефикасни, квалитетот на јавните инвестиции требало да се зголеми за да биде предмет на стандардни правила за ефикасно управување со јавните инвестиции, додека регулаторната рамка треба да се усогласи со правилата на ЕУ“.
И јас тебе „регулаторна рамка“.
Овде има машала контрадикции. Комерцијално земјоделство со субвенции е како невиност после 3 родени деца. Кај нас, ако не дадеш субвенции, земјоделците одма започнуваат штрајк. Ако сакаш да контролираш дали се субвенциите правилно дадени и потрошени, пак исто: штрајк. Ако сакаш да ги контролираш инспекциите, тоа да ти било партиски реваншизам. Како да создадеш комерцијално земјоделство после толку години пашибозук и криминални субвенции: луѓето научиле дека субвенциите не се за земјоделие, туку за партиски гласачи. Како сега тоа да го промениш? Тоа е веќе „стекната навика“ – најопасниот поим на Балканот.
Ако отидеш на емисија да говориш дека субвенциите ни ги намалија ораниците за најмалку 32%, го ничкосаа сточниот фонд на 28%, жито се произведува за ¼ помалку, отколку пред субвенциите, храна увезуваме 75% повеќе од порано, одма некој недоветен од тоа „Министерството за додворување на земјоделци“, почнува да рецитира: „два денари за литар предадено млеко, 217 денари просечна цена на тутунот, 1000 евра по хектар за ....“. Нема муабет тука. Тој треба да изрецитира и не влегува во никаков муабет. Земјоделците се премногу битен фактор за партиите.
Туризмот е смеа на квадрат. Кој што не знае за што да говори – говори за туризам. Пола од проектите се за селски, планински, бањски... туризам. И странци и наши и НВОи и општини – сите говорат за туризам. Но, кога ќе сакаат да дадат пари за развој на туризмот, што значи дека парите мора да бидат за едукации, затоа што врска немаме од туризам, парите завршуваат за спортска сала во Крушево, за патеки за велосипеди во Мариово, каде туристи можеме да донесеме само со падобран, или за понатамошно загадување на националните паркови или Охрид. Замислете, „грантови за развој на туризмот“ и за „развој на конкурентноста“ им даваат на општините, а однапред знаат дека се тоа пари фрлени во ветерот. Промашувања во 100%.
Поранешната влада воведе субвенции и во туризмот. Им се собираше и по 150 Евра по „глава турист“. Само најди некој рудар или земјоделец од тоа „западот“, кој сака за без пари да дојде во Македонија и фрчат „тури“ сиромаси од западот, кои овде, освен изметот ништо не оставаат. Додуша и нашиве не се наивни, па ако еднаш дојдат, тие „туристи“ никогаш повеќе нема да се осудат да стапнат во Македонија (порции со по 50 грама месо, субстандардни прошетки на поевтините или бесплатни места – без влезници, разновидна понуда: црква, па црква, па манастир, па езеро со пештерска црква, со водич, кој им говори за нашата антика и дека цивилизацијата настанала овде...). Единствено организаторите на тие тури тријат раце од субвенциите. Ние ќе си одиме во Бугарија во Банско. За тоа време, нашите бизнисмени во Струга, заедно со градоначалникот ќе имаат време да ја запалат трската во и околу езерото, за да може Охридско езеро да стане како базент: валкан и без живот, а потоа туристите да ги пренасочат на терасите на Матка. Тоа е. Во Македонија секој нешто матка, а потоа доаѓаат ѓубреџиите.
Професионалните услуги и тоа вистинските и непринудни услуги - веќе пораснаа, но (за жал или за радост) се наоѓаат во сивата даночна зона: плаќање на рака. Второто е посериозно: за професионални услуги требаат професионалци, а тие работат на запад, сори. Ако „странците“ под „професионални услуги“ мислеа на парафискалните проферсионални услуги, со кои е заробено стопанството, тогаш – пеки. Овие услуги се мошне развиени и стопанството ги сфаќа како рекет. Сакаш да ти ги прегледаат противпожарните апарати, да ти направат дератизација и дезинфекција во фирмата, да ти ги „прегледаат“ вработените, да му забаат на фискалниот апарат – еднаш годишно, да ти го прегледаат громобранот, да ти кажат дека струјата мора да се заземји, да ти направат еколошки или противпожарен елаборат, кој е ист и за тебе и за комшијата и за цел град (сменето име на фирмата) и уште 168 други „професионални услуги“, но можат да ти дадат и да им ги чуваш стоковите резерви и нафтата, во твоите магацини и цистерни и тоа потполно бесплатно.... нема проблем. Односно има проблем. Ти не сакаш – ама мораш, оти е задолжително (ќе те одерат за ништо, а ти мораш тоа да го платиш, со задолжителни 18% ДДВ). Но, што да се прави, кога властите мораа/ат да прикажат што помала невработеност, па мораа да направат милион фирми за парафискални давачки, со државен благослов и тоа од нотари, па до фирми за изработка на бизнис планови....
Околу услугите на јавната администрација „да биле поефикасни“ може да сонуваме. Она што министерот се надева дека „веројатно“ може, ќе створи толкави големи проблеми, што со години ќе имаме судски рочишта. Како ќе се имплементира „еден шалтер за сѐ“ од најавата на Манчевски? Направија обука на вработените? Ги стандардизираа базите кај сите субјекти? Обезбедија да нема злоупотреба на лични податоци? Што направија со оние, кои не можат да добијат имотен лист, затоа што си го пронајдоа својот имот како имот на државата? Што со оние, кои „ги изгубија куќите“, оти некој архитект цртал улици преку куќи, во тоа ДУПовите? Што е со ажурирањето на податоците?
Какви податоци, потврди, дозволи... ќе издаваат? Она за што и сега го завршувавме за 5 минути? А градењето? Дали го прецизираа законот за општа управна постапка, применет преку Закон за градба или обратно требаше да биде? Дали се пропишани прецизни процедури за прифаќање и одбивање барања и писмени од граѓаните и фирмите, во врска со градбите, доградбите, проширувањето на габаритот, темелната реконструкција, „урбаната опрема“, градба на деловен објект, градежните зони, привременото користење, градба од времен карактер, опфатот на зона заштитена со законот за култура... и неброено многу други „можности“ од законите, кои на „упатените“ им дава право да правораздаваат, како да се судии, а не службеници во урбанистички одделенија во општините, наречени „одделенија за мито и корупција“. Овде нема „молчење на администрација“ и „молчењето значи одобрување“, оти на граѓанинот му треба дозвола, а не датум од кога не му одговориле. Тоа нема да помогне кога ќе ти го рушат објектот, додека некој продолжува да гради, иако го украл државниот тротоар. Сето ова се приказни за мали деца, односно, за големи – полнолетни, кои можат да гласаат.
За какви стандардни правила за ефикасно управување говори ЕУ не знаеме, но веројатно сака да се усогласиме со нив. Аферим, но како? Кај нас некои законите се носат без да ги имплементираме. Други чекаат донесени, кога ќе наредат имплементација. Службениците не мораат да ги читаат, затоа што не знаат дали донесените закони се за имплементација или се само заради залажување на ЕУ. Некои закони започнуваат да ги имплементираат дури после неколку години „чекање“ и тоа, ако се случи нешто непредвидено (немил настан – најчесто). Некои закони се во колизија со генералните закони (како ЗОУП, ЗТД, ЗОП, ЗС...), па не се знае кое решение ќе се применува. Некаде, каде има „мени“ на законски постапки, администрацијата го имплементира најрестриктивниот закон, наместо оној, кој е најповолен за странката. Ако се работи за пријател, тогаш – обратното.
А што со сложените случаи, каде имаме замешани и прекршочна и кривична и административна постапка (над 50% се такви). Едни велат „јас одам по ЗОУП“, други велат дека ќе чекаат пресуда, трети го чекаат одговорот по жалба, четврти одат по специјалниот закон. На пример Законот за даночна постапка... Што ќе пишува во таквата потврда за имот, кој е узурпиран во постапка за денационализација? Веројатно, над 90% ќе излегува дека е имот на СР Македонија, без утврдено право на сопственост.
И? Што со тие стандардни правила за управување, кои не задираат подолу од министерот и неговите директни служби, а надолу, по вертикала, што подолу одиш, се повеќе пливаш во гној и јад. Навистина, централната влада нѝ била над 80% транспарентна и отчетна и транспарентна (оди и до 99%), тој процент кај министерствата паѓа под 45%, а во општините под 21% (и надолу, до 0%). Што значи тоа? Значи дека владата сѝ кажува приказни за мали деца и ги лаже странците, а институциите сѝ тераат по свое, за што не можеш да го излажеш граѓанинот, оти тој не си ја решил маката. Граѓанинот не живее во владата, ниту во зградите на министерствата, туку во општините. И овие проценти владата ги „произведе“ во дил со НВО – ите, кои ѝ се блиски, а сепак „на туркање“ (куп глупости, кои ги крштеваат со звучни имиња, иако не значат ништо).
Стандардни правила за ефикасно управување оваа држава ќе добие, но надвор од тие правила како „специјални“, ќе бидат над 80% од случаите. Ако странците мислат дека со нивните „чек листи“ може нешто да се стори кај нас, во заблуда се. Нивните чек листи не можат ниту да замислат дека во ѕидот може да има гусена цевка, директорот да порачал една дограма, а му вградиле друга, дека алармите и пожарните светла не работат, дека некој се осудил да гради зграда без прописна хидроизолација, дека фирмите за надзор потпишале „на жими мајка“ субстандардна градба (како што се сите до една зграда од Скопје 2014 – та)...не можеме да веруваме, кога некој чекира во тоа чек листите. Тој некој ќе биде октроиран, а не избран. Фирмата, која ќе го земе чекирањето, ќе мора да врати пари на порачателот на експертизата, а за возврат да лупа во тоа листите што сака, оти нема да има пари за одење на терен (како што беше украден проектот од Светска банка во катастарот, кога – заради неодење на терен, цела држава беше запишана на РМ, без и со утврдено право на сопственост, што и ден – денес ги влечка луѓето по судови).
Охрид, Матка, Маврово... се само најеклатантни примери на глумење ефикасно управување и тоа во најболното: екологијата. Ако сме можеле да направиме такви инсталации во езерото, ако сме можеле да дозволиме градби во заштитени зони, да дозволиме дива сеча, онечистување и пашибозук во срцата на националните паркови ... одговорот е јасен: „Ефикасното управување“ ќе служи да ја зацрврсти власта на едните и немоќта на другите. Тоа е основната причина за масовното исселување, а не парите. Никој не сака да биде граѓанин од втор ред. Сега ќе злоупотребуваат „со европско знаменце“.
***
Секако, макроекономската и политичката стабилност се предуслови за стабилен и одржлив раст. Ова го разбираме и работиме на тоа, затоа што тоа им треба на властите (тие се богатите, нели). Ова второво и не е толку нужно. Ако има потреба, секогаш може да се организира некакво „Диво насеље“, државен удар, масовно помилување (не ќе е само она на Иванов, нели?), мирни и помалку мирни демонстрации... Политичката стабилност никогаш не била зацементирана во вредности и принципи, односно во „општествен капитал“. Македонците мислат дека „на Албанците сѐ им е дадено и дозволено, дека тие не плаќаат данок, за нив законите не важат“. Албанците мислат дека е ова етноцентрична држава, во која тие немаат еднакви права со Македонците. Третите мислат дека е ова бинационална држава, во која другите малцинства немаат права. Муслиманите и Православните не мислат исто за било која работа и се плашат едни од други. Ретки се поинакви случаи. Тоа е негативен потенцијал, кој може да биде инструментализиран од паметните и моќните. При тоа, ние скоро и да не сме фактор, затоа што секој од нас може лесно да биде подмитен и да не си ја заврши работата.
Толку за политичката стабилност, која е одржувана од странските фактори, фала Богу. Толку и за нашата сензитивност, која е (редовно) уредно насочувана кон издајници, душмани, етички и верски проблеми, севернаја и јужнаја, дали Ацко бил грчки или македонски, дали се Албанците потомци на Илирите, странски шпиони и омраза кон бизнисмените, кои го полнат државниот буџет, а за возврат добиваат јавна омраза и (врз тоа базирана) инспекциски злоупотреби на службените овластувања од инспекторите и од сите оние, кои се поврзани со политичарите. Токму таа несензитивност кон важното и хистерична реакција за небитното, не оддалечува од стабилноста и не води пред портите на политичкиот хохштаплерлук, кој и државата ќе ја жртвува за да не оди в’затвор. Но, тоа е одлика на сите простачки народи, кои немаат ни трунка патриотизам и одговорност, а целокупната грижа за социумот и државата ја сублимираат во максимата:
„Не е мое, што не сум однел дома“. На здравје стабилноста.
Карикатурата Aleksandar Taseskiе по идеја на АГТИС
АГТИС Прилеп