Реформи? Не правете го тоа дома сами

jun 28 2019

Дали владата прави нешто за економскиот и човеков развој и заради што не? Што велат странците за тоа?

Владата објави мерки за „подобрување на бизнис опкружувањето“,на „ефикасноста на јавната потрошувачка“,на „квалитетот на јавните инвестиции“, на „зајакнувањето на управувањето со јавните финансии“ и на „управувањето“ и „владеењето на правото“.

             Дека се тоа празни декларации опоменува цел свет (стручниот „свет“, на кои тоа им е работа). Проблемот е во тоа што тие не говорат само за економија, туку за човеков развој, па покрај чисто економските фактори, во развојот влегуваат и здравството, и социјалната заштита и образованието, осигурувањето, инфраструктурата... Тие недостатокот на економски развој го гледаат како сума на пондери и од економска и од неекономска природа. За нив е здравствената заштита од исти ред како и производството на садови или на хулахопки. Тоа е дејност која генерира пари, затоа што таму (не само „запад“, туку и „исток“ и „југ“... се претпоставува дека некој тоа го платил однапред, или осигуреникот сам си плаќа за услугата). Тоа спаѓа во „услуги“ и нема само социјална компонента, туку и деловна. Тешко дека ние ќе разбереме такво нешто, кои сакаме со ситни париња да имаме врвна здравствена заштита. Таму „болната компанија“ или институција не ја одржуваат во живот, како да сме насред социјализам, туку ја пуштаат по вода.

Еве, Светска Банка, во Извештајот („Преглед на јавни финансии“), дава насоки за подобрувања во образованието, социјалната заштита, здравството, одржувањето на инфраструктурата и земјоделството. Иако образованието не произведува, учествува во јавната потрошувачка и тоа е за странците економски податок, па прашаат колку пари трошат и колку услуги и со кој квалитет-даваат. За нас е тоа непоимиво. Кај нас не е битен квалитетот на „услугата“, туку наставничката плата како социјална помош. Значи, кај потрошувачката сме. Истата студија го споредува сегашното ниво на потрошувачка со минималната потрошувачка потребна за постигнување на исти резултати (како постигнатите) и вели дека повеќе од 13% во јавната потрошувачка во Македонија можат да бидат заштедени. Тие оваа растрошност на јавните финансии ги најдуваат во слабата проценка на потребите за одржување на зградите и инфраструктурата во јавниот сектор; во транспортот; во здравство и во земјоделството.

Глобалните индикатори, како што се Глобалниот извештај за конкуретност на Светскиот економски форум или Индексот за резултати во логистика на Светската банка ја третира ефикасноста на јавното финансирање во инфраструктурата: Прво, бараат идентификација на приоритетни инвестиции во секторите, таа треба да биде водена од внимателни анализи на податоците и истражување за степенот на остварливост, за да се обезбеди нивната ефикасност. Прегледот за јавни финансии (2015 година) ги повика властите „да усвојат објективни, квантитативни и транспарентни критериуми за планирање на патните инвестиции“. Многу љубезно од нив, но ЈП за патишта е златна кокошка за властите, па не може и да носи пари за владетелот и да дава критериуми, кои ќе треба да ги исполни. Тоа го нема нигде: Или крадење или градење – што од тоа? Јавното претпријатие за државни патишта требало да исполни проценка за квалитет на мрежата и соодветно на тоа, да развие инвестициска програма. Кутри странци, кај учеле чколија? Не знаат дека лаптопите ќе ги украдат, заедно со проценката?

Потоа, Извештајот запнал за одржувањето на патната мрежа. Инфраструктурата требало да служи за тоа што е изградена и да биде секоја година одржувана и проценувана. Во превод, најдоцна за 1 година мора да се види проблемот на самиот пат и најдоцна идната година да биде поправено. Во патниот транспорт, секој дополнителен денар, кој владата го троши на одржување на патиштата, штеди 3,5 денари. Странците не разбираат дека нам ни е потребно крадење, па оставаме нештото да пропадне и да го наплатиме многу поскапо (поправката е поскапа и подоходовна од градењето). Со патиштата е тоа вистинско шоу: Никој не може да измери колку чини поправката, а колку да се изгради ново (такво нешто никој не пресметува). Најважно, тоа ЈП за патишта нема никаков интерес да врши правилна проценка на состојбата со инфраструктурата, оти тогаш ќе се знае што ќе се поправа, за колку пари, споредено со исти такви трошоци во странство и колку нештата ќе чинат за идната година. Не дај Боже. А пари за партијата? А вработените партиски кадри?

Во Извештајот многу инсистираат дека инвестициите треба да ги земат предвид животната средина и климатските промени, па да стимулираат инвестиции во енергетската ефикасност и чистата енергија, со реновирање на јавните згради (енергетски ефикасни да ги направат), менување на навиките на населението околу превозот и транспортот, однесувањето во природа, користењето на ресурсите и планирањето на инфраструктурата со максимална заштита на средината... Ова се празни залагања, затоа што ние сме на многу пониско ниво на свеста, отколку што претпоставуваат и најголемите песимисти. Едноставно, ние сме дивјаци и насилници врз природата. Човек живее за да го покаже новото возило, да се капе со шампон во срцето на Матка, да се покаже моќ дека никој ништо не им може. Да се вози со јавен превоз? Смешно, не е тоа за простак, односно за десетици илјади партиски бандити без било каков траг од интегритет и општествена грижа. За нив е лицето на вождот – сонце, задникот  - месечина.

Навистина, странците или немаат врска кои сме ние, или ова се предлага од други причини. Зелените солуции“ се системски далеку од нас и не само заради менталитетот, туку и заради хохштаплерското минато. Еве, каде да ги изградиме велосипедските патеки, кога урбанистите и градежната мафија и тротоарите ги украдоа и сега се „под згради“. Нашите популисти ќе дозволат градба и врз мајчиниот гроб, само да заработат или да гласаат за нив. Какви „зелени“? Ние шумите ги запаливме за да не платиме за огревно дрво, а овде говориме за нешто „зелено“. Зелен е само мозокот на просечен Македонец/ка. Зелен, неук, неморален.

Ако тргнеме од болките, кои не се ефект на други проблеми, туку се основните и неразложливи проблеми – од кои потекнуваат сите останати, ќе бидеме мошне изненадени. Болките се: неверојатна неукост и несогледива неодговорност, невештост, простаклук, недостаток на патриотизам од граѓански вид, недостаток на суверенитет на личноста, што би рекле – личен дигнитет, работна етика и работна идентификација со струката. Значи, сето она што се учи!!! Сето ова нѝ е прецизно покажано и докажано од „странците“, само ние се правиме на будали. Значи, целокупниот проблем тргнува од образованието „од колевка до гроба“, а Македонија не сака ништо да стори на ова поле. Со новите закони за високото образование државата, наместо да се потруди да воведе системи за квалитет на образованието, таа им даде дозвола на раководствата на универзитетите да продолжат со фингирањето образование и ги „легализира“ дивите професорски кадровски градби, по системот од мама на синчето, од тато на ќерчето. Само нека штанцаат дипломи – нема проблем. Политичарите им се главни клиенти, па ретко кој нема докторирано, иако не ја знаат таблицата за множење или сите букви од латиницата.

Како владите реагирале на овие сознанија? Помеѓу 2011 и 2016 година, Македонија ја намали потрошувачката во образованието како процент од БДП од 4,62% на 3,77%. Исто така, Македонија троши помалку од ЕУ земјите на пред – универзитетско образование: за ученик, потрошувачката како процент од БДП на пред - универзитетско образование е 2 % пониско од она во ЕУ. Распределба по ученик е исто така значително ниска и за претшколска возраст. Ова не е само јавашлук, неписменост и неснаоѓање. Ова е еднакво на национално предавство. Не Преспа, не договорот со Бугарија, не Албанскиот јазик или Скопје 2014та. Ова е поголемо предавство од сите остнати. Ако ти е народот неписмен – има спас. Ако ти се „учителите“ неписмени – спас нема.

Еве и со бројки. Што се однесува до ефикасноста на јавната потрошувачка, Светска Банка ги спореди релативната ефикасност на потрошувачката во образование како дел од БДП во последните пет години (2011-2015) за Македонија и онаа во споредбените земји, користејќи ја стапката на запишување во нижо средно училиште (6-9 одделение) и перформансите на „ПИСА 2015“ тестирањето, како резултати. Резултатите укажуваат дека Македонија има најниски резултати за ефикасност на потрошувачката помеѓу споредбените земји во поглед на пристап до нижо средно образование, кое би можело да биде подобрено за 20% со исто ниво на потрошувачка, и во однос на обезбедување квалитетот на образованието, кое би можело да се подобри за скоро 34% со истите средства. Универзитетите ги карактеризираат неефикасноста на системот, затоа што 41% од сите студенти на високо образование успеале да дипломираат на време во 2015 година и има високи стапки на оние кои се откажуваат од студии. Квалитетот на образованието, во истиот извештај, не е третиран и подобро за нас што е така.

             Пазарот на труд е најсложената приказна, за која странците облекуваат чизми до гуша, за да „влезат“, но, од друга страна сѝ велат: Ако вам ви е добро вака, ОК! Ако судиме по вашите комори, едукација и синдикати.... Но по ред.

Македонија страда од неефикасен пазар на труд, затоа што и побарувачката и понудата на работна сила не се адекватни за развој (за нашите прокламирани цели). Оној дел кој може да биде покриен со „акции“ на владата, се повеќе секторски политики: квалитет на деловното опкружување и флексибилност на работните закони кои го поттикнуваат создавањето работни места од страна на приватниот сектор и тоа од гледна точка на иновативноста и претприемачкиот капацитет на приватниот сектор за генерирање работни места со повисок квалитет. Се разбира, сето тоа мора да се направи со владини интервенции за да се обезбеди поврзаност со пазарите во рамките на либералните трговски режими. Тоа треба да е регулаторната рамка која обезбедува рамноправност за сите во приватниот сектор. 

Што (по ѓаволите) значи ова, кога сите владини планови се полни со овие „регулаторни рамки“? Тоа значи дека државата и да спроведува некакви мерки, тие треба да бидат достапни на конкурентска база и независни од политичкото одлучување.  Тоа значи дека самиот деловен сектор треба да го стимулираме не само да зема работници заради партите од владата, туку истиот тој сектор мора да се позанимава со развој на деловни системи за развој на  капацитет за обуки на тие работници и менаџери, експерти за процесни дејствија и менаџери за работна сила, нејзино водење, едукација, преквалификација... (и тоа е бизнис, не?), како и да формираат фирми со вештините за понудата на работна сила и стимулации за вклучување на пазарот на трудот. Исто така, владата мора да внимава со социјалната помош, субвенциите во земјоделието и во стопанството, затоа што тие самите го нарушуваат пазарот на труд и конкурентноста. Неефикасноста на пазарот на трудот е кумулативен резултат на сите горенаведени фактори, како и на традициските фактори.

Пазарот на труд е неефикасен и од други причини, кои се комбинација на закони, институционални навики и усвоените системи на вредности, а кои знаат да бидат погубни за целокупната мотивираност за инвестирање и превземање ризик. Така, извршувањето на договорите, решавањето на несолвентноста на компаниите,  но и самата способност на фирмите да склучуваат спорови, да спроведуваат договори и ефикасно да затворат бизниси е во системот на проеблеми. Се разбира и овде институционалното опкружување е пречка, но повеќе од самите вредности на судиите, отколку од непочитување на законската рамка. Едноставно, судијата/ката, многу често, глуми Робин Худ и суди против „расипаните газди“, наместо да спроведува закон. Од друга страна, секој должник знае дека е подобро да „инвестира“ во корумпирање на политичар, кој ќе го корумпира судијата/ката, наместо да си го плати долгор.

Во ваква анализа треба да се смали бројот на фактори за анализа и да се оди со минимални дефиниции и проценки на состојба, а потоа да се оди со дерегулација, деинституционализација и гилотинирање на улогата на државата во овие сектори, со што регулаторната функција би им ја препуштил на деловните субјекти. Се разбира, за вакво нешто (најпрво) мора да се скрати државното финансирање на СКРМ и коморското организирање да му се препушти на „пазарот на деловно организирање и саморегулација“, со што најспособните ќе се наметнат.

Второ е дека државата мора да престане да се меша во пазарот на трудот или во било какви акции, кои ќе ја ограничат слободната конкуренција. Македонија (предолго) е во таква либерална предфаза, која мора да премине во либерална, каде повеќе ќе користи добар бизнисмен, кој „ги игра сите игри на конкурентноста“, отколку државни душебрижници, кои ќе плачат за сиромасите и фирми од вчера, кои ги водат партиите, кои земаат тендери како луди. Ако ефектот „една фирма се јавила на тендерот“ не нѝ е доволен за да сфатиме, работата е машала промашена.

Политичката нестабилност имаше висок ефект врз инвестициите и домашните и странските. Тие доаѓаа со врвна политичка заштита, која е надвор од пазарната логика и не е јасно како тие компании не добија тужби за нарушување на конкурентноста на европскиот пазар. Веројатно беа премногу мали за да предизвикаат такви потреси. Ваквата нестабилност се должи на фактот дека дури и политички или криминални структури можат да ја нарушат и конкурентноста и стабилноста на државата,а со тоа се одрази и на квалитетот на инвестициите. Поинаку, странците во Македонија не носеа скапа и напредна технологија, па продуктивноста на трудот ја постигнуваа без високотехнолошки вложувања. Тоа се одразува и на нашите стручни кадри, кои не усвоија технологии. За тоа да го компензираат (тие знаат дека технологијата заработува) со евтина работна сила, на која не треба да се трошат пари за стекнување вештини и експертиза. Наместо да имаат наш раководен кадар, тие сѝ носеа свој.  Навистина, долго време странците имаа многу поволности за инвестирање, кои ги надминуваат сите разумски причини. Ако странската инвестиција нѐ кошта повеќе отколку да ја нема, тоа и не е некоја инвестиција. Со оваа стратегија на „заокружен инвестициски проект со минимално инвестирање во кадар“, државата не добива ништо, освен зголемување на БДПто („влез-излез“), па партиите можат да ја задолжуваат државата повеќе, заради тоа што задолжувањето оди како процент од БДПто. Тоа „заокружен“ значеше и дека странците не развиваат деловни врски со наши добавувачи, туку сѝ соработуваат со проверени добавувачи од своите земји (помалку од 1% од нивните потреби „покриваа“ наши фирми). Тоа не се должи толку на нивните намери, колку на нашата неспособност, различните начини на работа, неефикасноста на судскиот систем, кој не е никаква опомена за неисполнувачите на договорите, но и заради високошколскиот систем, кој не произведува кадри, чие рботење би било компатибилно со она на странците.

Има уште нешто, кое е многу неразбирливо за нас. Светска Банка говори за „подобрување на квалитетот на јавно – приватниот дијалог и предвидливоста на бизнис опкружувањето“. Јавно приватното партнерство за нас е (скоро) тера инкогнита, а другото „неделовно“ партнерство (на пример соработка со фриленсери, НВОи, „засеганти групи“...) е скоро 100% фингирано. Нам мора „косата да ни стигне до рамената“ за да се сетиме дека неефективноста и некадарноста може да се реши со партнерство со НВОи и стопанските субјекти, еве, како што беше ова со Филип Втори. Наеднаш, трошоците се намалени, квалитетот подобрен, пациентите не мораат да одат во странство. Но, Филип Втори е „осамен остров“ во морето на незнаење и некадарност.

Корисен јавно-приватен деловен дијалог нема, па нема ниту примери на соработка, освен кога има криминал (јас ти давам-ти ми враќаш, а услугата... кому му е грижа). Локалните самоуправи, посебно помалите, од вакви партнерства и дијалог имаат огромна потреба и немаат друг начин за да си ги остварат дадените надлежности, но нив мува не ги лази: „подобро нека нема услуга, отколку да платиме некому, кој нема да врати дел како мито“.

             Долго време нашите влади одат на стратегија на „институционализација на политичка волја“. Тоа ти е кога сите ќе констатираат дека некоја институција скроз ја утнала работата, а владата прави нова стратегија и ги поставува истите тие – кои не успеале, да ја оправат работата. Волја има, ама ако се шегуваме. Повторно јади – пиј, а сметката ќе ја платат од буџетот, па потоа ќе се чудат заради што плановите не им успеале. Има и полошо. Вемерето, за такви неуспешни проекти ангажираше телевизии, агенции, глумци, правеше јавни протести и контрадемонстрации.... само за да го негираат очигледното. Овие новиве (за среќа) имаат само неспособна банда институционалци од тоа „Центарот“, за да го дозакопаат премиерот и Анѓушев, наместо да го одбранат, но (барем) е поевтино.

Сето ова странците го знаат повеќе отколку ние дома.  Затоа и предложија  да има „задолжителниот процес на јавни консултации кој ќе го подобрат јавно - приватниот дијалог кој помага во подобрување на квалитетот на законите и избегнување на проблеми во спроведувањето за време на извршувањето“. Е, тука стапува на сила Центарот за комуникации на владата. Тие, кога ќе те „исконсултираат“, жалиш што воопшто разговараш со нив. Не само што не знаат да ја напишат темата разбирливо (тоа е од неписменост), не знаат да ја подредат (тоа е од слабо организациско знаење), да ти кажат заради што те канат, која е твојата улога и која е целта на средбата, туку и ќе поканат стотици врвни експерти (кои нешто значат во НВО животот или во експертското опкружување) за 2 часа дебата (тоа е од забеганост и од сељачкиот синдром на Бог). Но! Тоа не е сѐ. Најпрво излегува некое морончиште да го потроши времето и да ти прочита од пауер поинт истото она што веќе ти го испратиле (тоа го викаат „вовед“), а потоа, кога ќе сакаш нешто да им кажеш и помогнеш, дознаваш дека тие веќе имаат некој расходован странец (главно сите тие се „бивши“ и демоде) да го допотроши времето (тоа е од лижачки побуди и надеж дека и тие ќе добијат проект, но не за институцијата, туку за невладината организација, која сеуште ја водат-„про боно“). Јадната консултација трае пола час за десетици говорници, од кои секој од нив е барем десет пати попаметен, поначитан и повешт од сите тие јадници од Центарот-заедно.

Но, нема гајле. Сите забелешки и совети за законите, интересентите можат да ги испратат како коментари на тоа ЕНЕР – от. Транспарентност до кров. Наместо дијалог, ти можеш да испратиш свои мислења, а тие ќе пробаат да не ги прочитаат, да си го земат авторството – ако им се бендиса... Каков дијалог? Што сакаш прати, одговор или прашање нема да добиеш, оти „тие се власт“.

Пак странците и тоа го знаеја. Затоа опоменаа „да се има капацитет и ресурси во јавните институции за програмата успешно да се спроведе“. За сиот капацитет и ресурси на тоа институциите – прочитај погоре. Тоа „ресурси“ владата го разбира како локални институции (на пример Министерството за труд и социјала ги има своите Регионални центри за ова и за она....), а не како принцип да не вработуваат неук персонал на одговорни функции. Под „ресурси“ се мисли на наменски пари, сертифицирана и одржувана опрема, лиценцирани програми, исправни коли и превозни средства, кои ги возат „задолжени“, кои ќе одговараат ако не бидат исправни, ако во нив (ненадејно) снема гориво или ако гумите се потрошиле 3 пати побрзо од предвиденото.

Посебен случај се мошне специфичните акти, како „планови за управување“, еколошки планови, ДУП – ови, ГУП – ови, ПУСЖ, планови за давање претежна намена на области, заштитени подрачја, „културни опфати“, внесување на сите такви податоци во ГИС системи, ... Тие не се донесени, ако се донесени – тие се потполно номинални и некорисни (правени „колку да помине“). Ете, на тоа мислеле странците со тоа „ресурси“. Мислат и на контрола на субвенциите за стопанството, која ќе ја врши државата, но откако јасно ќе одреди правила на игра и тоа многу детално опишани, уверени дека овие сфатиле, уверени дека ова не е само за смирување на незадоволните или заради фалење во медиумите. Таквов капацитет за непартиска и некриминална контрола е вистинскиот ресурс, кој хохштаплерите ќе ги држи настрана од државните субвенции, како и фирмите, кои единствено знаат да живеат и вработуваат ако има субвенции (долгорочна зависност од субвенциите)

За жал, нашите влади тоа „капацитет и ресурси“ го читаат како нови партиски војници во јавната администрација и столици од воловски бокс. Катастрофално, но вистинито.

             А кому му треба силно стопанство? Зар тоа не беше само за лажење народ?

             Сепак, најбитната работа за нас е конкурентната политика. Во сериозна економија фер пазарната игра мора да биде обезбедена, затоа што (без тоа) развој нема да има, барем не во вакво опкружување. Оваа политика, во недостаток на сериозна и некриминална политика, а со тоа и на „економски политики“, е побитна од било што друго! Тоа треба да биде движечкиот принцип на развојот. Тоа е и причината заради што социјалистичките системи пропаѓаат. Дури и Кина мораше да дозволи пазарна економија, за да преживее. Логиката е проста: Како до позитивна селекција, ако не постои фер конкуренција? За да стигнеш до ниво на високоразиена демократија и деловни односи од највисок ред (како во Европа или Америка), мораш да имаш силна база на деловни субјекти, кои ќе го финансираат сето тоа преку даноците. Ако го оставиш пазарот да се саморегулира во највисока можна мерка, а државата интервенира минимално и не задира во самиот механизам на конкуренција, неминовно ќе добиеме држава во која мерит системот ќе биде носечки принцип. Заради тоа нашите политичари мораат да го држат конкурентниот пазар на многу ниско ниво, за да можат да преживее и нивниот споил систем и тие – самите.

Но, не е само до владите и партиите. Кај сите поранешни комунистички држави постојат заостанати социјалистички идеи, кои властите ги негуваат за стопанството да биде несимпатично кај „народот“, кој сака државата да биде секаде и таа да решава сѐ. Исто така, партиите добро знаат дека стопанството мораат да го контролираат и преку деловните форми на здружување (коморите), каде инсталираат опортунисти, кои се грижат само за својата фотеља. Кањец фиљма...

АГТИС

Карикатура: Тони Чатлески, по идеја на АГТИС

DISKLAMER OTV MAK 800

Prijatelji sajta

Safe Journalism HND Solidarna Actat Kvart komesarijat-za-izbeglice XXZ Pescanik logoo mirc NGTim