Критична маса во Прилеп
Критична маса е возење точак! Се создава кога група велосипедисти ќе се соберат на едно место и заедно се возат по улиците од нивниот град. Критична маса нема раководство. Тоа е возење каде никој не е главен. Секој е одговорен за себе и за Масата.
Почетоци на Критична маса
Првото возење „Критична маса“ (КМ) било во септември 1992 година во Сан Франциско и во него учествувале 48 велосипедисти. Возењата добивале се поголема масовност од приближно 75% во однос на секој претходен месец. Така на почетокот од 1993 имало 500 велосипедисти и настанот станал добро познат помеѓу велосипедистите во градот, иако градските власти сеуште го немале регистрирано постоењето на возењата.
Неколку месеци подоцна, луѓе од други градови започнале да организираат Критични маси. Истата година, полицијата од Сан Франциско и градоначалникот ги забележале возењата и изнаоѓале начини како да се справат со нив. Во јуни 1997, новиот градоначалник испратил јавна критика до учесниците, што го мотивирало големото возење во јули 1997, што прераснало и во полициски немири.
20 години подоцна
Денес критична маса се организира во над 300 градови во светот. Нема лидери, нема формална организација, само критична маса велосипедисти. Најмасовната КМ се одржала во Будимпешта, Унгарија во 2008 година, кога учествувале 80.000 велосипедисти.
Вообичаено критична маса се одржува еднаш месечно, и тоа најчесто последниот петок во месецот.
ПрилепНаТочак како иницијатива постои 4 години.„Критична маса претставува неформално здружување на луѓе што го користат велосипедот како превозно средство и се залагаат за подобрување на условите за велосипедистите. Како настан, се случува еднаш месечно, конкретно во Прилеп, последната среда во месецот. Тогаш се собира поголема група на луѓе што возат точак заедно во исто време со цел да се зголеми јавната свест за користењето на велосипедот како превозно средство, а истовремено, е еден вид на протест или указ за да се подобрат условите за возење на велосипед, во поглед на инфраструктура, и да се подигне свеста кај другите учесници во сообраќајот кои што треба да го почитуваат велосипедот како превозно средство што има исти права како и останатите учесници во сообраќајот. На крај, преку ваквите настани целта е и да се подигне свеста кај самите велосипедисти, да ги почитуваат постоечките закони и да го користат велосипедот во рамките во кои што е пропишан законот за движење низ град“ - изјави Борче Колароски, организатор на настанот.
„Освен што ја поддржуваме оваа иницијатива, ние се грижиме и за безбедноста на овие млади активни луѓе и во таа пригода сакам да им подарам по една заштитна кацига за возење на велосипед. Сите млади кои што денес се дојдени на оваа акција, ќе добијат кацига. Ова е како еден поттик за сите наши велосипедисти да користат вакви заштитни кациги.“ - порача Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.
Од ПрилепНаТочак велат дека Прилеп скоро и да нема никакви велосипедски патеки, освен една, пред зграда Македонија, како што велат и самите, од „мизерни“ 100 метри, која патем, најчесто е за пешаците.
„Во иднина ќе се залагаме за да направиме што подобри велосипедски патеки низ градот. Првата прилика кога ќе се прави било која улица, доколку постои можност ќе има простор за велосипедска патека“ - потенцираше Јованоски.
Настанот го посети и амбасадорот на Холандија во Македонија, поздравувајќи ја акцијата. „Денеска во Скопје се вози 73. Критична маса, го слават шестиот роденден. Во Прилеп го славиме 4. роденден на ПрилепНаТочак и тоа е одличен показател за тоа како граѓански иницијативи, граѓански движења, заедно со општините, со градоначалникот кој и самиот е одличен велосипедист, можат да направат одлични промени во градовите“- изјави Вилем Ваутер Пломп, амбасадор на Холандија во Македонија.
Текст и фотографија: Мартина Билјаровска