53. Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“
На Фестивалот континуирано се презентираат најдобрите театарски/драмски остварувања од целокупната македонска театарска продукција работени според дела од светската драматургија, а особено се афирмира македонското драмско творештво.
Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е конституиран 1965 година на иницијатива на Здружението на драмските уметници од Република Македонија. Фестивалот го носи името на основоположникот на македонската драма - Војдан Чернодрински, драмски автор, актер и режисер. Традиционално секоја година се одржува во градот Прилеп во почетокот на месец јуни. Првата претстава на овој реномиран фестивал се одржала на 4 јуни 1965 година.
Фестивалот има натпреварувачки карактер во Официјалната програма. Фестивалот е од посебен државен интерес и единствен од ваков вид Финансиран од Министерството за култура на Р. Македонија, Локалната самоуправа и од донации и спонзорства.
Уметнички директор на Фестивалот е Катарина Коцевска. Таа ја следи целокупната театарска продукција и предлага концепт за Официјалната и Придружната програма како и останатите содржини на Фестивалот.
„На 53. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, ќе ве поведеме низ претставите на големо патување со сценската театарска магија и ќе ве доведеме до актерите, тие вечни патници низ просторот и времето како клетници на ничија земја со цар, крал и доктор, додека дони лета над гнездото на богот, жените како дами свет градат до ужегнатост.
Театарот е чудесна куќа. Во тетарот најjасно се одвојува вистината од лагата, доброто од лошото, љубовта од нешто што не е љубов. Во театарот студот е строг и праведен и има најдобро мерило – Аплаузот.
Без вас, саканa публико, ние сме како книга без читател“- порачува Катарина Коцевска – Уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ на официјалната страна на театарскиот фестивал.
Картите за сите претстави се веќе распродадени. На овогодинешната програма за 53. театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ публиката ќе има можност да ги погледне следните претстави во селекција:
Ничија земја – Данис Тановиќ, режија Александар Морфов – Македонски народен театар – Скопје
Доктор Фауст – Кристофер Марлоу (и авторски текстови на режисерот, драматургот и актерската екипа), режија Андраш Урбан – Народен театар Битола
Клетници – Виктор Игро, режија Мартин Кочовски – Театар Војдан Чернодрински, Прилеп
Еднаш свет изградив – по романот на Сидарта од Херман Хесе, текст и режија Јане Спасиќ – театар за деца и младинци – Скопје
Царот Владислав – Борис Јанков, режија Бранко Ставрев – НУЦК Антон Панов – Струмица
Крал Лир – Вилијам Шекспир, режија Диего де Бреа – Турски театар – Скопје
Бог на масакрот – Јасмина Реза, режија Нела Витошевиќ – НУЦК Ацо Шопов, Штип
Жена од минатото – Роланд Шимелфенинг, режија: Нела Витошевиќ – НУЦК „Трајко Прокопиев“– Куманово
Дони Дарк – Леонард Герш, режија Роберт Ристов – Театар комедија – Скопје
Жените – Роберт Томас, режија Ќендрим Ријани – Албански театар Скопјe
Партија Реми – Доналд Ли Кобурн, режија- Виолета Џолева – НУ Драмски театар – Скопје
Тоалет за дами – Родолфо Сантана, режија Дејан Дамјановски – театар Јордан Х.К. Џинот – Велес
Лет над кукавичјото гнездо – Дејл Васерман и Кен Киси, режија Ристо Алексовски – Драмски театар Скопје
Ужегнатост – Иван Вискочил, режија Владимир Милчин – независна театарска груша Артопиа
Железниот светилник – Димитар Талев, режија: Асен Шопов – Театар на Бугарската армија – Софија (Р.Бугарија)
Не сега, драга – Реј Куни, режија: Коле Ангеловски – НУ театар „Комедија“ – Скопје.
Известува: Мартина Билјаровска
Фотографија: Официјален постер на 53. Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ и фотографии од архива на театар „Војдан Чернодрински.“