Почнува „Пивофeст 2018“
Прилеп ќе биде домаќин на најголемиот фестивал на пивото и скарата не само во Македонија, туку и на пошироките балкански простори, „Пивофест 2018“.
„Пивофест“ е туристичка манифестација која што има 16 годишна традиција во Прилеп. Оваа ревија на врвни пива и специјалитети на скара, дополнета со избрани музички брендови на Балканот, е туристичка атракција, која што предизвикува интерес кај љубителите на овој тип забави не само од Македонија, туку и пошироко на Балканот. Различните брендирани видови пиво, прочуената прилепска скара и богатата музичка понуда, се најголемите причини поради кои во четирите денови на траење на фестивалот, Прилеп ќе биде главниот центар на забавата во нашата држава.
Манифестацијата се одржува во центарот на градот, oд 12. до 15. јули, така што сообраќајот во овој период се пренасочува по другите поголеми сообраќајници, со цел да се обезбеди безбедна пешачка зона. За безбедноста на храната, хигиената, јавниот ред и мир, примената на сите современи стандарди за организација на ваква забава се задолжени сите јавни претпријатија и други надлежни институции.
Општина Прилеп формираше координативно тело во кое учествуваат претставници на Полициската станица – Прилеп, службата за Итна медицинска помош, Територијалната противпожарна единица, Центарот за управување со кризи, Агенцијата за храна, јавните комунални претпријатија и други институции.
Градоначалникот Илија Јованоски упатува апел до сите гости и учесници на „Пивофест 2018“, да се забавуваат, но и да внимаваат на еколошката чистота и зачувувањето на животната средина.
Дарко Манасијески од агенцијата „Ентфинити“, во име на организаторот истакна дека кога е во прашање музичкиот дел, програмата е направена за вкусовите на сите посетители.
„Оваа година за разлика од претходните, имаме поголема застапеност на македонските артисти, што значи дека издвојуваме повеќе простор за македонската уметност, но не значи дека завршува само на тоа. Имаме познати балкански ѕвезди, што значи дека можеме да упатиме покана до целиот Балкан, не само до домашната јавност. Ќе го видиме големиот Жељко Јоксимовиќ, кралот на народната музика Шабан Шаулиќ, македонскиот музички ‘амбасадор’ Кирил Џајковски, а во петок ќе имаме убава рок вечер со ‘Црвена јабука’ и ‘Ван Гог’. Гарантираме дека фестивалот ќе биде добро обезбеден, дека сите институции ќе функционираат онака како што треба, а ние како организатори ќе одговориме на сите барања на публиката“, порачува Манасијески.
Организаторот на „Фестивалот на пивото 2018″, за сите посетители обезбедува кампинг во паркот на Могилата на непобедените. Кампувањето е бесплатно за сите кампери и не е потребна претходна најава или регистрација. Кампингот се наоѓа на обележана локација на паркот на револуцијата - Могила и е на само 10 мин. пешачење до фестивалот. Во состав на кампингот се наоѓаат бројни спортски комплекси кои камперите можат да ги користат за време на својот престој.
Организаторот за камперите обезбедува:
–Бесплатен кампинг простор со комплетно обезбедени хигиенски и санитарни услови;
–Паркинг;
–Доручек,кафе и чај за камперите секое утро во 09.00 часот;
–Користење на туш кабини: 08.00 – 10.00 и 16.00 –18.00 часот.
Музичка програма:
Известува: Мартина Билјаровска
Фотографија: Општина Прилеп