На здравје, Прилеп!
16-годишната прилепска традиција на четиридневна ревија од врвни пива и специјалитети на скара, проследено со музички настапи на истакнати музички ѕвезди од Македонија, но и пошироко од Балканот, заврши во неделата, 15.07.2018.
За успешноста на оваа културно-забавна манифестација сведочи масовната посетеност забележана во Прилеп, за време на четиридневниот фестивал на пивото, односно 200.000 домашни и странски посетители. Најголема посетеност е регистрирана за време на викендот, кога во Прилеп влегле над 8.000 возила.
Фестивалот на пивото и скарата, како и добрата музика помина во убава и пријатна атмосфера, а службите за безбедност, ред и хигиена придонесоа 16. издание на „Пивофест 2018“ да помине без никакви сериозни последици.
Тешко би било да се издвои посебно забавна вечер на фестивалот, имајќи ја во предвид богатата музичка понуда, но она што од Прилеп направи центар на вниманието, место каде се вкрстија патиштата на љубителите на ладно пиво, добра скара и пријатна музика беше настапот на култната музичка ѕвезда од Србија, Жељко Јоксимовиќ на третата фестивалска вечер.
Жељко Јоксимовиќ
Јоксимовиќ, во придружба на масовната публика, отпеа дел од својот богат музички опус, а ниту премиерот Зоран Заев не оддолеа на атрактивноста на фестивалот, кој уживаше во музичкиот настап од еден од пивските штандови. Големата фестивалска бина таа вечер беше обогатена и со музичките настапи на Џенан Лончаревиќ , Next Time и Fortissimo & Гоце Чоки.
Џенан Лончаревиќ
Next Time
Fortissimo & Гоце Чоки
За уште една вечер за паметење, која воедно беше и последната фестивалска вечер, се погрижија Шабан Шаулиќ, Милица Тодоровиќ, „Либеро бенд“ и Александра Јанева.
Шабан Шаулиќ
Милица Тодоровиќ
Александра Јанева
Познатата музичка група „Либеро Бенд“ на само еден час пред официјалниот настап на „Пивофест 2018“ ветија одлична забава за публиката.
„Со оглед на тоа што сме настапувале на повеќе фестивали, а ова е една од најголемите манифестации во Македонија, очекуваме добра забава, ќе направиме балканска забава со неколку наши авторски песни. Останатото што ќе го слушнете, ќе биде добра атмосфера, ќе го препуштиме репертоарот на публиката,таа да ни каже која ќе ни биде наредна песна“, изјави Јован Јованов, вокалистот на „Либеро Бенд“.
Јован Јованов - Либеро
Ова 16. издание на прилепскиот фестивал на пивото и скарата заврши со овации и скандирања за спектакуларниот настап на ѕвездата на вечерта, Шабан Шаулиќ кого публиката го награди со непрекинат аплауз и повеќекратно барање за негово повторно враќање на бината.
Градоначалникот Илија Јованоски упати голема благодарност до организаторите и до сите институции и угостители, кои дадоа максимален придонес сè да биде вo ред и за 16. фестивал на пивото и скарата.
„Ова е најголемата културно забавна манифестација во Република Македонија од ваков тип. Јас сум убеден дека овие четири изминати денови и ноќи сите заедно се дружевме, се забавувавме и уживавме во она што го дадоа сите пиварници со ладното пиво, со вкусната скатра на прилепчани и од прекрасната музика која траеше до раните утрински часови. Во оваа пригода сакам да им се заблагодарам на организаторите, агенцијата „Ентфинити“, на дел од вработените во локалната самоуправа кои овие неколку недели непрекинато работеа на овој фестивал, на сите компании, субјекти, а особено голема благодарност за јавните претпријатија, Министерството за внатрешни работи, како и на водителите Јана и Ненад. Бидете здрави и живи и се гледаме на наредниот фестивал на пиво“, порача од сцената градоначалникот Јованоски.
Градоначалник Илија Јованоски на сцена
На прес-конференцијата на градоначалникот Илија Јованоски и Дарко Манасијески од агенцијата „Ентфинити“, Манасијески истакнаа дека не било лесно да се организира една манифестација како „Пивофест“, но дека во соработка со Општина Прилеп и со повеќе други институции, целта била постигната.
„Сметам дека граѓаните кои присуствуваа на ‘Пивофест’ се вратија дома задоволни. Ова е огромно искуство за нас. Научивме многу, ја научивме душата на градот, се надевам дека и сопствениците на штандовите се задоволни исто како и нас. На крајот на денот, сметам дека успеавме да направиме уште една успешна приказна“, истакна Манасијески.
Дарко Манасијески од агенцијата „Ентфинити“
„Јас сум задоволен од организацијата и реализацијата на годинешниот ‘Пивофест 2018’, и тоа од едноставни причини. Четири денови имавме добра забава, на која сите граѓани и гости одлично се забавуваа. Имаше одлична атмосфера и немаше никакви сериозни инциденти. Хигиената беше на високо ниво и уште во раните утрински часови градот беше исчистен, сите јавни претпријатија прфесионално ја извршија работата. Дури и невремето кое се случи околу 21 часот, не ги поколеба граѓаните да продолжат со забава и дружење. Сакам да упатам благодарност до организаторот на ‘Пивофест 2018’, агенцијата „Ентфинити“, којшто заедно со дел од вработените во Општина Прилеп го дадоа својот максимум, беа посветени на работата, за да дојдеме до крајната цел, четирите фестивалски денови да бидат успешни“, изјави градоначалникот Јованоски.
Градоначалник Илија Јованоски прес
За организација на „Пивофест 2018“, со одлука на Советот на Општина Прилеп, од општинскиот буџет беа издвоени 2,5 милиони денари. На средбата со новинари, градоначалникот Јованоски ги соопшти податоците за хонорарите кои им беа исплатени на дел од учесниците. Согласно потпишаните авторски договори, на учесниците им е исплатена вкупна сума од 2.418.095,00 денари, а висината на хонорарите поединечно за секој од нив изгледа вака:
Дани Димитровска – 171.000,00 денари.
Кирил Џајковски – 891.222,00 денари
Тони Зен – 171.389,00 денари
Црвена јабука – 411.333,00 денари
Некст Тајм – 171.389,00 денари
Гоце Бошкоски Чоки – 34.278,00 денари
Либеро бенд – 102.833,00 денари
Дарио – 233.459,00 денари
Александра Јанева – 46.692,00 денари
Бени Шакири и Нон Стоп – 184.500,00 денари.
Градоначалникот Јованоски рече дека веднаш ќе почнат припремите за следното издание на „Пивофест“, при што ќе бидат земени во предвид сите идеи за внесување новитети во насока на подобрување на фестивалот, вклучително и за локацијата каде би се одржувал.
Известува: Мартина Билјаровска
Фотографија: Општина Прилеп