Е, ваков го сакам Прилеп, со еден куп луѓе и сите насмеани и распеани
После фантастичната ноќ на евергрини, Јавен Простор Прилеп ја организираше втората градска забава, каде на мегдан се најдоја танцовите чекори на прилепчани и модни детали од 80–те. Јавниот и непредвидливите Деца со наочари, ги забавуваа прилепчани на енергична ноќ со добро познати рефрени од 80–те.
„Ве чекаме повторно заедно да пееме и танцуваме, донесете ги вашите родители, тетки/тетиновци, вујни/вујковци, стрини/чичковци, комшии, внуци, гости и случајни минувачи...
Спремајте ги витките колена, штиклите и патиките, не заборавајте ги потпонките, и секако, истапирајте си ја фризурата:)
Се гледаме кај Саатот сограѓани/–ки“ - порачаа од Јавен простор на нивната ФБ страна.
Во неделата, заедно со Децата со наочарите, Јавен Простор Прилеп не само што се погрижи за добрата градска забава, туку и за соодветниот изглед на заинтересираните присутни.
„Од 20 часот дојдете да Ве наместиме и Вас:) Седнете на поставените столчиња, опуштете се и дозволете им на нашите поканети фризери да се погрижат за Вашиот тапир:), тостерка:), Тајчи:)... Се разбира, само за тие што сакаат:).
Ни се приклучуваат Александар Андоноски (фризерско студио COOL-CUT), Емилија Костадиноска и Дарко Костадиноски (EMA PLACE) и Горан Јорданоски (D’ARTE MODERNA).
За по некоја игрива шарена линија на Вашето лице или око, ќе се погрижат Ивана Секулоска и Валентина Ѓорѓиоска (или пак фризура:))“ - порачаа од Јавен простор Прилеп.
Стотиците присутни граѓани искусија вистинско музичко уживање и на дружбата, заедничкото пеење и играње како да немаше крај. Тоа беше вечер во која како и самиот град да се присети како му било некогаш.
Ова се дел од коментарите за Ноќта на евергрини, кои граѓаните ги оставаа на Фб–страната на Јавен Простор Прилеп.
„Луѓе браво за идеите!“
„Конечно нешто убаво и различно почнува да се случува..БРАВО!“
“Е, ваков го сакам Прилеп, со еден куп луѓе и сите насмеани и распеани. Продолжете со исто темпо!“
„Вакво нешто не било во Прилеп - ем убаво, ем весело, ем разиграно и распеано... не било! Прекрасно!“
Известува: Мартина Билјаровска
Фотографија: Јавен Простор Прилеп