Многу пари и стап за новинари
Произведен е првиот спот „Многу пари и стап за новинари“. Дел од серијата спотови од обуката за мало новинарство и медиска писменост.
Еве што ќе правиме:
Мрежа на млади репортери од терен. Во своето село, во својот град, ти ги познаваш и луѓето и обичаите и кој – што и кој – како. Кој може да ти каже за твоето село/град подобро од тебе? Има проблеми таму, или мед и млеко тече?Ами, ако има, дај кажи, сподели. Ќе разговараме, ќе смислиме како да го покажеме проблемот.
Ќе прашаш, а зошто ни е сето ова?
За да влијаеме врз развојот. Ако кажеш на ТВ дека водата го однела мостот, а градоначалникот „не се занишува“, исто како да си му поднел Барање да го поправи мовчето...ако не го поправа од инает, ајде изјава, ајде видео, ајде да видиме што сторил во своето село и за својот етнос, па може и поостро. Медиум е ова, кој вели дека мораме да бидеме нежни? Ете, така се учествува во работата на општината. Давај изјави, сакал – неќел, градоначалникот мора да те викне да муабет.
А, што е со надлежностите? Зошто на пр. селските општини не организираат културни активности? Пари за тоа им се дадени. Ако нема Дом на култура – треба да се направи со тие пари. Ако нема толку пари, култура се прави и во кафеана и на ледина и пред џамија и пред црква. Инструментот не свири во природа? Свири, свири, само нема кој да организира.
И не е само културата. Ами, спортот? Кој вели дека за се требало пари. Еве, има клубови, родителите сами плаќаат за децата.
Или... како да се подобрат локалните услуги, од комуналното, водоснабдување, канализација, корита на реки, мовчиња, патчиња, матично.... има тука за муабет.
Замисли, да има таква телевизија, која ќе ги снима малите приказни и малите луѓе. Нема што да кажат? Има, има, само никој не ги прашува.
Главното прашање е: Како општината да турка напред, а не да кочи.
Сепак, со цел оваа силна "алатка" на локалната демократија да заживее и да може да влијае врз локалните рурални заедници, мора да се изгради капацитет на локалните актери и институции и свесност за најранливите групи. Со тоа, ние и самите локални заедници ќе се соочат со "факторите за оневозможување": етнички, родови и други стереотипи, ниско ниво на доверба и разбирање на демократијата, патријархалниот систем, затворени и политизирани институции, нивниот мал капацитет да одговори на потребите на граѓаните.
Проектот предвидува обуки на млади репортери, нивно вмрежување, а потоа репортерска работа во самите средини, за заедницата да биде запознаена со проблемите, приоритетите, желбите и потребите на локалното население, со предлози за подобрување. Овие теренски репортери ќе бидат обучени да го мониторираат работењето на локалните самоуправи и за тоа да ги известуваат граѓаните, но и да се справуваат со манипулациите, дезинформациите, предубедувањата и заостанатите размислувања, кои и не доведоа до овде – каде што сме.
Известува: Мартина Билјаровска
Фотографија: Паре Зареска, Мартина Билјаровска