Претставување на Македонија во поинакво светло
Патувањата овозможуваат уживање во слободата, запознавање различни светови, луѓе и култури. Секоја земја има со што да ги привлече туристите, но не секоја умее на креативен начин да го направи тоа.
Македонија нема исклучителни успеси на тоа поле, но затоа има амбициозни луѓе кои сакаат да ја направат таа трансформација. Еден од нив е Милан Велески, магистер по туризам и професионален туристички водич, кој го промовира туризмот во Прилеп, Македонија и регионот.
Туризмот е една од најважните гранки во Република Македонија, економски исплатлива дисциплина која може да допринесе за проширување на репутацијата на земјата и нејзиниот препознатлив карактер. Туризмот е претставителен фактор што создава работни места, директно и индиректно влијае врз намалување на иселувањето во државата и создавање нови работни места и перспективи. Исто така, туризмот придонесува кон зголемување на толеранцијата помеѓу народите во соседството, а со тоа може да биде и фактор кој ги зголемува можностите и шансите за меѓусебно разбирање и почитување.
„Потребно е да се создадат регистри на активни туристички работници и да се координира пристапот помеѓу соодветните актери во туризмот пред потенцијалните инвеститори, властите и културните институции. Македонија и региониот имаат повеќе проблеми со кои се соочуваат, како проблеми од инфраструктурен карактер, недоволно изградени и репарирани патишта, а со тоа се губи динамиката и уживањето при туристичките патувања на посетителите од странство, со што се намалува крајниот ефект на нивната посета во Македонија“ - рече Велески.
Паралелно со инфраструктурата, проблеми се загаденоста и нехигиената во повеќе региони во земјата, претежно депонии и нелегални места за исфрлање отпад. Проблеми има и со самите туристички работници, поради нивната некомпетентност и недоволни знаења, недоволно познавање странски јазици, што е круцијално во претставувањето на правилната историја, правилните етнолошки и културни богатства на земјата.
Многу посетители се за прв пат во Македонија и често ја имаат само како дел од нивното патување, затоа мора да се искористат тие неколку дена, а некогаш и неколку часови за правилно претставување на земјата и без ориентација само на историски факти, туку создавање приказни кои би ја оживеле таа историја и би ја довеле во современ контекст.
„Не треба да се биде етноцентричен туку етно-ориентиран во претставата на Македонија пред странските туристи“ - заврши Велески.
Новинар: Мартина Билјаровска
Камера и фотографиа: Благица Цветкоска